Усогласената заедничка изјава и рамката за Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија со САД е силна порака кој е најсилниот нивен партнер во регионот, а тоа е нашата Македонија, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања што ќе значи за македонската трговија потенцијалниот договор со САД за намалување на царините.
– Договорот што потенцијално ќе го потпишеме со САД во рамките на параметрите што се содржани во заедничката изјава, ќе овозможи македонските компании, односно производите од Македонија помеѓу 62 и 64 царински броеви, да се најдат на американскиот пазар со повластени тарифи од 0 до 6,5 проценти, рече Мицкоски.
Тој кажа дека во 2025 година билатералната трговска размена надминува половина милијарда долари, односно приближно 600 милиони долари, каде што, како што рече, имаме благ суфицит како држава, имаме повеќе извоз отколку увоз во САД, и притоа изрази очекување преку овој договор да се зголеми билатералната соработка и трговијата.
– Но, повторно ќе кажам, самиот договор по себе е единствен надвор од Европската Унија, со тарифи исти како што има ЕУ и Обединетото Кралство. Пораката е силна, и објавата на трговскиот претставник на САД кој е на ниво на секретар, господинот Грир, дека испраќаат порака кој е нивниот најсилен партнер во регионот, а тоа е нашата Македонија, значи многу, и за инвеститорите и за економската состојба во државата, нагласи Мицкоски.
Премиерот потсети дека во рамките на мандатот на оваа Влада, во овие 20 месеци е постигнат договор за стратешко пријателство и со Велика Британија.
– Повторно од опозицијата настапуваат со лажни тези дека ќе сме примале мигранти за пари и тоа траеше со месеци.
Еве излезе амбасадорот на Обединетото Кралство, даде интервју и ги демантираше. Но, договорот за стратешко пријателство не е само договор, тоа е и порака и ефектите на таа порака ние можеме да ги видиме и во нашата економија, па дури и во условите под кои се издаде еврообврзницата, рече Мицкоски.
Тој укажа и на вториот документ, односно први во регионот имаме заеднички усогласена надворешна и одбранбена политика со Европската Унија.
– Третата важна дипломатска работа која нас не стави во друштвото на функционални и зрели демократии каде што владее правото, каде се почитуваат човековите права, укинувањето на постмониторинг мисијата на Советот на Европа и ние сме единствената земја во регионот што го постигна тоа, додаде премиерот, одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата