Во овие моменти, кога Кочани и цела Македонија сè уште ја чувствуваат болката од трагедијата што ја потресе нашата држава, Владата останува посветена на тоа никој да не биде оставен сам. Секој човек, секоја приказна, секоја потреба – се важни, истакна на денешната прес конференција портпаролката на владата Марија Митева.
– Ова обраќање денеска е наменето пред сè за повредените и за нивните најблиски, за лицата кои се лекуваат во кочанската болница и кои се соочуваат со последици што бараат трпеливост, сила, но и системска поддршка. Свесни сме дека досега беа преземени повеќе активности – итна здравствена грижа, институционална мобилизација, финансиска и логистичка поддршка, но свесни сме и дека постојат сегменти кои се повторно неопходни. Затоа започнуваме со нова активност, во насока на она што го ветивме: континуирана, организирана, системска и човечка поддршка.
Ја воспоставуваме новата телефонска линија за директна комуникација, управувана од Канцеларијата на претседателот на Владата, која ќе биде активна од понеделник, 09.06 и ќе функционира непрекинато и достапно за сите повредени и нивните семејства – рече портпаролката на владата Марија Митева.
Телефонскиот број е нов канал за директна комуникација со повредените и со нивните семејства.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата