Еден од тројцата кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права во Старзбур (ЕСЧП) не ги исполнува условите оценил Советодавниот панел на експерти при Советот на европа.
Ова за Телма го потврдија од владата, но не откриваат за кој кандидат станува збор со објаснување дека институционална постапка треба да се води достоинствено, професионално и со почит кон сите вклучени лица.
Телма дознава дека кандидатот кој добил негативно мислење е адвокатот Јордан Апосотолски кој заедно со адвокатката Наташа Бошкова и деканот на Правниот факултет „Јустинијан први“ Сашо Георгиевски во ноември лани беа предложени од комисија предводена од претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
- Во мислењето се наведува дека дел од кандидатите ги исполнуваат условите, додека за еден кандидат е утврдено дека не ги исполнува условите. Како Влада ќе го разгледаме мислењето со должно внимание и ќе постапуваме институционално, одговорно и во координација со надлежните тела на Советот на Европа. Наш приоритет е Македонија да има кредибилен процес и квалитетен кандидатски предлог кој ќе одговара на стандардите на Европската конвенција, велат од Владата.
Третото место на листата ќе треба да се пополни со нов кандидат. Судијата Јован Илиевски кој требеше да си замине на почетокот на годинава останува во Стразбур додека не се избере негов наследник .
Дали експертите од панелот поставиле дополнителни прашања за постапката што се водеше во земјава, а за која имаше и забелешки во јавноста, од Владата конкретно не откриваат, но од одговорот произлегува дека имало објаснувања за националната постапка.
- Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа ја разгледал доставената документација и биографиите на кандидатите доставени од Владата. Панелот констатирал дека, по доставените објаснувања, националната постапка е спроведена во согласност со сите соодветни процедури и за постапката нема забелешки, велат од Владата.
Инаку ова е втора постапка за избор на судија во судот во Стразбур. Во првата во тесниот круг влегоа судијката Габриела Гајдова, обвинителката Ленче Ристоска и адвокатот Јордан Апостолски, но владата летоска го поништи изборот и ја разреши старата Комисија со кусо објансување дека кандидатите не ги исполнуваат критериумите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата