logo
logo
logo

ЌЕ ОДГОВАРААТ ЗА БРУТАЛНО НАСИЛСТВО ТЕПАЧИТЕ на децата во Сарај

Vecer | 14.12.2025

ЌЕ ОДГОВАРААТ ЗА БРУТАЛНО НАСИЛСТВО ТЕПАЧИТЕ на децата во Сарај

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе барање до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје за поведување подготвителна постапка против пет деца во судир со законот, поради сомнение дека сториле кривично дело насилство од член 386 од Кривичниот законик. Станува збор за малолетници на возраст од 14 и 15 години, кои заедно со уште едно дете помладо од 14 години, кое поради возраста не може кривично да одговара, групно извршиле грубо насилство врз двајца нивни врсници.

Инцидентот се случил на 12 декември во дворот на основното училиште „Дитурије“ во скопско Сарај. Според наводите на Обвинителството, двете оштетени деца, исто така на возраст од 14 години, тргнале да си заминат дома кога на излезот од училишниот двор биле пресретнати од групата напаѓачи. Малолетниците започнале да ги удираат со тупаници и клоци по главата и телото, при што едното дете се здобило со површинска повреда на главата, а другото претрпело тешки телесни повреди, меѓу кои контузија на главата, скршеница на носот и повеќекратни хематоми по телото.

Со насилното однесување, сторителите предизвикале чувство на страв и несигурност и кај други деца кои во тој момент го напуштале училишниот двор, наведуваат од Обвинителството. Имајќи ја предвид возраста на осомничените, но и потребата од непречено водење на постапката и заштита на оштетените, јавниот обвинител предложил судот да определи мерки на претпазливост, меѓу кои редовно јавување во суд, одземање на патни исправи и забрана за приближување и воспоставување каков било контакт со децата-жртви.

Постапката ќе продолжи во согласност со законските одредби за постапување со деца во судир со законот, при што приоритет ќе биде заштитата на жртвите и спречување на понатамошно насилство. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk