Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва по седницата на Извршниот комитет на партијата го соопшти предлог составот на неговиот нов Владин кабинет по разговорите со коалициските партнери „Вреди“ и ЗНАМ за владина реконструкција.
- Пред да прејдам на решенијата, сакам да соопштам дека оваа реконструкција на Владата означува почеток на нова фаза по изминати две години, од работата на оваа Влада, исполнети со сериозни предизвици, поставување темели, стабилизација на состојбите и реализација на крупни проекти. Сега следува период, во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните. Нова енергија за ново забрзување, посочи Мицкоски.
Мицкоски соопшти дека нов министер за здравство ќе биде Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување, а на негово место ќе дојде Златко Перински, досегашниот министер за локална самоуправа.
Предлог за нов министер за социјална политика, демографија и млади е Ѓоко Велковски, досегашниот замeник-министер.
Ова се два нови ресори со кои во иднина ќе раководат кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
Нов министер за локална самоуправа ќе биде Иван Стоиљковиќ. Министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на стратегијата за инклузија на Ромите ќе биде Ерџан Демир.
Една од позначајните структурни промени е одлуката да не се именува потпретседател на Владата задолжен за добро владеење. Мицкоски во денешното интервју на „Телма“ рече дека смета дека овој концепт е поефикасен доколку биде директно под ингиренции на неговиот кабинет.
- Ценам дека како концепт би бил најпродуктивен доколку биде дел од мојот кабинет. Таму веќе имаме секретари задолжени за следење на реализацијата на програмата на Владата и за владините политики, истакна премиерот, додавајќи дека на овој начин се намалува бројот на членови на Владата, а се зголемува ефикасноста.
Министерка за образование и наука останува Весна Јаневска, за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за спорт Борко Ристовски, заменик претседател на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заменик претседател на Владата за политички систем Љупчо Димовски, министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочовска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, министер за дигитална трансформација останува Стефан Андоновски.
Владиното мнозинство ќе се зголеми за еден пратеник од Демократската партија на Турците, која ќе стане дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за што е постигната согласност. Партијата ќе добие министер без портфолио.
- Од политичката партија ВРЕДИ, нови министри ќе бидат номинирани во Министерството за правда, култура и туризам и Министерството за односи меѓу заедниците, додека пак, политичката партија ЗНАМ, ќе номинира свој кандидат во Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, соопшти Мицкоски.
ЗНАМ попладнево објави дека тие го преземаат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и дека нивен предлог за министер е досегашниот државен секретар во Министерството Борче Серафимовски. Горан Минчев останува да го раководи Министерството за јавна администрација.
„Вреди“ ги презема министерствата за правда, за култура и туризам, и за односи меѓу заедниците, а остануваат и секторите животна средина, европски прашања и економија и труд.
На денешната седница на Изршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ беше изгласан и нов претседател на Унијата на млади сили – Тодор Коневски, кого во партијата го сметаат за млад и перспективен човек со силна енергија.
Нова претседателка на Унијата на жени е владиниот портпарол, Марија Митева.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата