logo
logo
logo

Дислокација на Усје не е никаков проблем за Владата, но ќе трае, ГО РАЗВИВАМЕ ПРОЕКТОТ ЗА ГАСНА ЦЕНТРАЛА

Vecer | 26.12.2025

Дислокација на Усје не е никаков проблем за Владата, но ќе трае, ГО РАЗВИВАМЕ ПРОЕКТОТ ЗА ГАСНА ЦЕНТРАЛА

Владата согласно своите ингеренции ќе постапува по заклучоците што вчера ги донесе Советот на Град Скопје за дислокација на цементарницата Титан УСЈЕ и за вонредни инспекциски контроли врз големите загадувачи, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на 120 нови полициски возила за потребите на МВР, тој нагласи дека континуирано се прават вонредни инспекциски контроли.

– Што се однесува до дислокација и тоа не е никаков проблем за Владата. Така што сè тоа што е проблем за граѓаните е и проблем за Владата. Но, сакам да дојдам до суштината, а суштината е дека загадувањето е резултат на децениската негрижа на граѓаните да им се обезбедат алтернативни извори на енергија со кои во текот на грејната сезона ќе ги затоплуваат своите домови – рече Мицкоски.

Според него, потребна е алтернатива со далечинско греење и гас за граѓаните и на источната и на западната порта од градот.

– Тоа е децениска негрижа. Тоа е основната суштина во целиот овој процес. И тука ние како Влада работиме, развиваме еден проект, очекувам почетокот на следната година да ги имаме деталите. Веќе разговараме и со инвеститорот со којшто потпишавме меморандум за разбирање да го развиеме проектот за когенеративна гасна електрана со која сигурни сме дека сериозно ќе се реши проблемот со затоплувањето на домовите на источната порта на градот, а истото ќе го направиме и во западната порта – вели Мицкоски.

За тоа, нагласи, треба време.

– Притисокот е голем, но важно е дека имаме цел и дека чекориме кон реализирање на таа цел. Јас ги разбирам граѓаните. Тие се секогаш во право. Впрочем, ние сите тука живееме, го дишеме истиот воздух, исто како што и во другите градови во Македонија, каде што нема такви производни капацитети, но има вонредно високо количество на ПМ 2,5 и 10 честичките – изјави Мицкоски.

Според премиерот, потребни се системско решение и холистички пристап, подвлекувајќи дека Владата токму така работи и им пристапува на проблемите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk