На граничниот премин Богородица, колони од возила се протегаат повеќе од три километри. Илјадници возачи чекаат во шест реда, а времето на чекање достигнува и два часа пред да го поминат македонско-грчкиот премин.
Ваквата ситуација предизвикува нервоза и нетрпеливост меѓу патниците. Мнозинството возила се со српски регистарски таблички, но има и домашни и гости од други земји. Многумина бараат поефикасна организација од граничните служби и скратување на времето на чекање.
За да се олесни протекот, граничната полиција има отворено дополнителни ленти, вклучувајќи две и за влез во државата, со цел побрзо процесирање на патничките возила.
Голем притисок се бележи и на граничниот премин Табановце, но таму застојот е сепак помал во однос на Богородица. Патниците честопати велат дека српската граница ја минуваат побрзо отколку македонската.
Многу патници, и на социјалните мрежи, се жалат дека долгите чекања на македонските гранични премини создаваат застој и дури ги одвраќаат да ја користат Македонија како транзитна дестинација за патување до Грција.
Во препораките што туристите ги оставаат, сè почесто се посочува Бугарија како поатрактивна алтернатива.
Ако ваквиот тренд продолжи, негативни последици може да имаат и локалните туристички центри како Дојран и Гевгелија, чиишто приходи во голема мера зависат од ноќевањата и услугите што ги користат транзитните гости.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата