logo
logo
logo

НОВ ЦЕНТАР ЗА УСЛУГИ ВО КАВАДАРЦИ: Андоновски и Јанчев го означија почетокот на работа

Vecer | 01.08.2025

НОВ ЦЕНТАР ЗА УСЛУГИ ВО КАВАДАРЦИ: Андоновски и Јанчев го означија почетокот на работа

Денес, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, официјално го означија почетокот на работата на новиот Центар за услуги, наменет за граѓаните на Кавадарци и околните населени места.

– Овој центар е еден од петте нови што ги ветивме на почетокот на оваа година, и сега тие ветувања стануваат реалност. Со неговото отворање, граѓаните на Кавадарци и околината ќе можат да ги користат сите административни услуги достапни преку националниот портал uslugi.gov.mk, со посредништво од вработените во Министерството за дигитална трансформација, изјави Андоновски.

Министерот додаде дека само во месец јули бројот на користени услуги преку посредници е значително зголемен во споредба со истиот период минатата година, што, како што истакна, е јасен показател за растечкиот интерес и потребата од овие центри.

– Граѓаните во јули покажаа колку се важни новите Центри за услуги – бројот на услуги преку посредници е за 70% повисок од просекот во 2024 година, додаде Андоновски.

Тој изрази и задоволство од напредокот во дигитализацијата на јавните услуги и зголемената употреба на националниот портал uslugi.gov.mk.

– Вкупниот број на месечни трансакции на порталот надмина 7.000, што е зголемување од 53% во однос на просекот за 2024 година“, нагласи министерот.

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, се заблагодари на Министерството за дигитална трансформација за отварањето на новиот Центар за услуги, кој, според него, ќе им овозможи на граѓаните полесен и побрз пристап до административните услуги, без потреба од патување до главниот град.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk