logo
logo
logo

ЗА 10 КЕБАПЧИЊА ЗАТВОР

ЗА 8 МИЛИОНИ ЕВРА КРИМИНАЛ - ДОМАШЕН ПРИТВОР ЗА АРТАН ГРУБИ?!

Vecer | 23.02.2026

ЗА 8 МИЛИОНИ ЕВРА КРИМИНАЛ - ДОМАШЕН ПРИТВОР ЗА АРТАН ГРУБИ?!

Артан Груби доби куќен притвор. Одбраната побара ваква мерка, а обвинителството се согласи.

Основното јавно обвинителство – Скопје предложило замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби, оценувајќи дека не постои опасност од влијание врз постапката ниту ризик од бегство.

Обвинителството соопшти дека предложило куќен притвор и одземање на патната исправа, мерка која е доволна за обезбедување присуство, имајќи предвид дека во најголем дел доказите се веќе обезбедени, дека осомничениот доброволно се пријавил и дека постојат индиции оти во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.

„Постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, наведуваат од Обвинителството.

Ова доаѓа и покрај изјавата на директорот на затворот „Скопје“ во Шутка, Бобан Уткоски, кој претходно изјави дека безбедноста во установата е загарантирана.

Груби денеска вршел увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал, увидот ќе продолжи и во наредните денови, по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.

Одлуката следува откако Груби денеска доброволно се пријави на граничниот премин „Блаце“, по една година откако ја напушти Македонија, каде што беше уапсен.

По неговото приведување, тој помина три часа во притворска ќелија, по што беше спроведен во Обвинителството на увид во доказниот материјал.

Неофицијални информации се дека одбраната образложила дека Груби ќе биде достапен за органите на прогонот, имајќи предвид дека сам се вратил во државата, и дека нема опасност од влијание врз постапката, бидејќи истрагата е завршена.

Груби, како поранешен прв вицепремиер од владата на СДСМ и ДУИ, се гони за проневера во служба во Државна лотарија.

Заедно со Прпарим Бајрами се осомничени за сторен криминал од 8 милиони евра преку нарачка на ВЛТ апарати. Груби како раководител на владината седница го одобрил барањето за ВЛТ апаратите иако знаел дека јавната набавка е незаконска и дека Лотарија нема право самостојно да организира електронски игри на среќа.

Груби од 9 декември 2024 е на Црна листа на САД поради вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk