logo
logo
logo

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2025: Ќе гласаат 1,83 милиони граѓани, 112.000 од дијаспората

Vecer | 26.09.2025

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2025: Ќе гласаат 1,83 милиони граѓани, 112.000 од дијаспората

Вкупно 1.832.415 граѓани се запишани во Избирачкиот список за претстојните локални избори во Република Македонија, кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко на 138. седница на комисијата.

Од вкупниот број, 1.717.803 избирачи се запишани во редовните изводи на Избирачкиот список, додека 112.000 граѓани имаат право на глас од странство, бидејќи се на привремена работа или престој во други земји. Дополнително, право на глас имаат 2.162 лица кои се наоѓаат во притвор или издржуваат казна затвор и 450 избирачи од домовите за стари лица кои поднеле пријава за гласање.

На седницата едногласно беше донесена одлуката за заклучување на Избирачкиот список за спроведување на локалните избори за советите на општините, Советот на Град Скопје, како и за градоначалници на општините и на Град Скопје. Граѓаните ќе гласаат со еден Избирачки список на гласачките места.

Членот на ДИК, Ангелчо Ристов, појасни дека во државата се регистрирани 3.480 избирачки места, од кои на 132 гласачки места се запишани помалку од десет избирачи. За овие лица гласањето ќе се спроведе на најблиското избирачко место со повеќе од десет гласачи. Општинските Изборни комисии во координација со подрачните и регионални канцеларии на ДИК ќе ги известат гласачите за промените.

До ДИК досега се поднесени четири барања за набљудување на изборите, од Центарот за развој, реформи и обуки за изборни системи – Грузија, Амбасадата на Република Словачка во Македонија, Централната изборна комисија на Украина и здружението „Институт за истражување и аналитика на политика Ромалитико“ од Скопје.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk