Сѐ повеќе се чувствува потребата за отворени листи во изборниот модел. Сега има аргументи и „за“ и „против“. Јас сум еден од поборниците дека треба да ги отвориме листите. И граѓаните, освен партијата што ќе ја направи листата, мислам дека треба да имаат право да изберат свој омилен пратеник.
Ова го истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешната дводневна дебата „Гласот на граѓаните во Собранието: Национална дебата за улогата на Собранието во процесот на пристапување во ЕУ“, во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ).
– Mислам дека така ќе се зголеми демократичноста и дигнитетот на пратеникот. Тогаш пратеникот кој добил бил 10-ти на листа или 20-ти, а станал пратеник, тоа не е по заслуга само на лидерот, туку тој доаѓа во Собранието со гласовите на народот и тогаш неговата одговорност не се врзува само за лидерот и партијата, туку и за граѓаните. Овој дел навистина е многу битен. Треба да бидеме храбри. Веќе има работна група која работи на изборниот модел. Повикувам да дојдеме до тој ден кога ќе ги отвориме листите. Достоинството на еден пратеник може да се одбрани од две страни. Прво, тоа е како јавноста реагира на личноста и колку тој возвраќа и работи за својот дигнитет. Значи, обострана улица е и мора да ги разјасниме двете компоненти. Јас мислам дека недоволно добро стоиме и во двата правца – рече Гаши.
Тој порача дека нема силно Собрание, без силни пратеници и дека не треба да се генерализираат сите пратеници и постојано сите да се плукаат, бидејќи, како што посочи, во Собранието има и одлични пратеници.
Според Гордан Георгиев, поранешен пратеник и претседател на Форумот за разумни политики, изборниот модел е ограничувачки за градење на независни или релативно независни пратеници, бидејќи, како што рече, кога сте ставени на некаква листа на пратеници, претпоставката е дека ќе ја следите големата насока на партијата, пратеничката група и на коалицијата.
– Изборниот систем ограничува бидејќи ве условува, ве става во позиција да морате или да се очекува од вас да ја слушате партијата наспроти некој друг систем, каде што можеби, полесно може да кажете „не“, во ситуација ако навистина треба да се каже не, или да влијаете. Но, овој изборен систем, каде што партијата ги реди кандидатите и вие сега може не го сакате седмиот, ама го сакате деветтиот кандидат, мора да гласате за таа партија. Тука повеќе е важен личниот интегритет на пратениот отколку како партијата ве номинира. Ако премногу индивидуално се поставувате, имате ризик да не бидете избрани, т.е. да не бидете на листа на следните избори. Така што тој баланс е многу, многу важен – истакна Георгиев.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата