За една година целосно го променивме начинот на функционирање на аеродромите и имаме 16 нови дестинации, истакна во вечерашното гостување во "Вести Плус" на "Канал 5", потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој најави и нови авиолинии во следниот период.
- Најавувам дека во следниот период ќе се објават нови авиодестинации од македонските аеродроми. Се' уште ги преговараме, но за многу брзо време ќе ги објавиме. Истовремено расте бројот на патници, во првото шестмесечје скопскиот аеродром порасна до 5%, а охридскиот со 13%. Очекувам во второто шестмесечје, односно до крајот на годината, овие бројки да се двоцифрени на двата аеродроми, што ќе е апсолутен рекорд во регионот, истакна Николоски.
Динамиката на работа на новите автопатишта кои ги гради конзорциумот Бехтел и Енка се одвива според планираното, освен на автопатот од Требеништа до Ќафасан, каде работите се стопирани од УНЕСКО - истакна во вечерашното гостување во "Вести Плус" на "Канал 5", потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
-Динамиката е согласно планираното, со едно одлагање од две години, од причина што тие две години од претходната Влада не беше изградено ништо. Ние кога дојдовме скоро и да немаше експропријација направено. Првото воведување во работа и на Тетово-Гостивар и на Гостивар-Букојчани и на Прилеп-Битола, беше во мандат на оваа Влада, но сега е динамиката добра и оди добро. Останува прашањето со Требеништа-Ќафасан, имајќи во предвид дека изградбата на овој автопат и официјално беше во извештајот на УНЕСКО за Охридскиот регион, иако Охридскиот регион што не е во опасност, ова остана дел од извештајот, истакна Николоски.
Тој потенцираше дека Владата рамислува за алтернативи со кои од една страна ќе се заштити животната средина, а од друга страна ќе се добие добра инфраструктурна поврзаност во овој дел од државата, што секако нема да биде во спротивност со препораките на УНЕСКО.
На крајот од мандатот на оваа Влада, Македонија ќе биде лидер во инфраструктура во регионот, истакна во вечерашното гостување во "Вести Плус" на "Канал 5", потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, потенцирајќи ги сите инфраструктурни објекти на кои се работи во моментов низ целата држава.
-Во Македонија се сечат два паневропски коридори. Двата паневропски коридори и 8 и 10, ќе бидат целосно покриени со автопат или со експресен пат и ќе бидеме во многу напредна фаза во градба на брза пруга на коридорот 10 и на реконструкција и градба на коридорот 8, што ниту една друга држава во регионот го нема. Да не зборувам за аеродромите, што двата растат од квартал во квартал, така што кога ќе ја видите таа перспектива, мислам дека 2028 година, мислам дека ќе сме апсолутен лидер во регионот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата