logo
logo
logo

ЗОШТО БРИСЕЛ ИНСИСТИРА ОВААА ВЛАДА ДА ЈА СЛЕДИ ПОЛИТИКАТА НА МИНАТАТА во случајот со Бугарија?!

Vecer | 18.06.2026

ЗОШТО БРИСЕЛ ИНСИСТИРА ОВААА ВЛАДА ДА ЈА СЛЕДИ ПОЛИТИКАТА НА МИНАТАТА во случајот со Бугарија?!

Зошто има нови избори за нова политика ако секоја наредна влада мора безузловно да ги спроведува политикте на претходната? Ова е прашање до Европската унија во врска со бугарското вето кое, во договор помеѓу Бојко Борисов и Зоран Заев, стана “европски услов“ кој според Брисел стана“безуловна обврска“ на новата влада ако сака почеток на преговори за влез во ЕУ.

Една од најконтроверзните бриселски тези што се пласираат во македонската јавност е дека „секоја нова влада мора безусловно да ги преземе и спроведе политиките и обврските на претходната власт“.

Таквиот став не само што е политички спорен туку и суштински ја доведува во прашање смислата на демократијата или, поточно, на демократските избори анализира Нова Македонија. Во демократските системи граѓаните не избираат само нови носители на власта туку и нови политики, нови приоритети и нов правец на развој. Доколку секоја влада би била обврзана механички да го продолжува курсот на своите претходници, тогаш изборите би се претвориле во обична формалност.

Најновиот пример со Унгарија покажува дека новите власти не се двоумат радикално да ги менуваат политиките на своите претходници кога за тоа имаат демократски легитимитет. Новата влада на Петер Маѓар не само што не го продолжува политичкиот модел на Виктор Орбан туку во одредени сегменти целосно го демонтира.

Притоа, од европските институции на Унијата не се слушаат критики дека Будимпешта е должна да обезбеди континуитет со претходната власт. Напротив. Токму промените се толерираат затоа што новите политики се поблиски до стратешките позиции на Брисел

Токму на примерот со Маѓар во Унгарија, сосема легитимно е и во Македонија да се отвори прашањето дали секоја обврска преземена од претходната влада мора автоматски да биде прифатена како непроменлива!? Особено кога значителен дел од јавноста смета дека одредени договори и протоколи произвеле сериозни последици врз националните позиции и државните интереси.

Демократијата не е обврска за вечен континуитет на политиките, туку механизам преку кој граѓаните можат да побараат нивна корекција или, пак, промена. На крајот, највисокиот извор на политички легитимитет не е ниту една претходна влада, туку волјата на народот изразена на избори!

Ако секоја нова влада е должна безусловно да ги продолжува политиките на претходната, тогаш која е смислата на изборите? Која е смислата на демократијата и на мандатот што им го даваат граѓаните на своите избраници?!

Граѓаните на избори не гласаат само за нови личности туку и за нови политики!

Во секоја демократска држава изборите постојат токму затоа што граѓаните имаат право да ја променат политичката насока на државата. Тие не гласаат само за нови личности туку и за нови политики. Ако политиките не смеат да се менуваат, тогаш изборите се сведуваат на формалност, а демократијата станува процедура без суштина.

– Историјата на Европа е преполна со примери на влади што ги менувале курсевите на своите претходници. Нови парламентарни мнозинства укинувале закони, ревидирале договори, менувале економски модели, воведувале нови надворешнополитички приоритети и вршеле институционални реформи.

Тоа не било сметано за закана за демократијата, туку за нејзина природна последица. Особено е интересно што принципот на политичка промена најчесто се слави кога резултира со политики што им се допаѓаат на влијателните центри на моќ во Европа, а се проблематизира кога произведува резултати што не се вклопуваат во нивните очекувања. (?!) Тука се појавува очигледен двоен критериум – тврдат нашите соговорници, универзитетски професори.

Притоа, тие нагласуваат дека демократијата не подразбира обврска секоја нова влада механички да го следи патот на претходната.

– Таа подразбира право на граѓаните да изберат поинаков пат. Ако народот оценил дека одредени политики биле погрешни, штетни или неуспешни, тогаш сосема е природно новата власт да се обиде да ги коригира или да ги замени – велат тие.

Во македонскиот случај ова прашање добива уште поголема тежина затоа што значителен дел од јавноста смета дека одредени процеси биле спроведени без доволен демократски консензус и спротивно на доминантното расположение на граѓаните.

Без разлика дали некој се согласува со таа оценка или не, неспорно е дека во демократијата токму граѓаните се конечниот извор на легитимитет. Затоа е погрешно да се создава впечаток дека секоја политичка одлука на една влада автоматски им ги врзува рацете на сите идни влади. Таквиот пристап ја претвора демократијата во систем во кој народот може да избира влади, но не може да избира политики.

Вистинското прашање е дали некој е подготвен да го прифати демократскиот принцип и тогаш кога резултатот од изборите не му одговара. Затоа што суверенитетот не ѝ припаѓа на ниту една влада, на ниту една партија, на ниту која било надворешна политичка елита. Суверенитетот им припаѓа на граѓаните.

А изборите се токму моментот кога тие одлучуваат дали ќе има континуитет или промена – нагласуваат нашите соговорници, високи интелектуалци, одговарајќи на прашањето што стана своевидна „бриселска мантра“, а тоа е дека оваа влада мора да ги продолжи и реализира преземените обврски од претходната власт, која по процени на мноштво меѓународноправни експерти направи длабоки штети и лузни не само на државата туку и на народот, кој треба да е единствениот носител на државноста во Македонија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk