Ова е историски најголем буџет за одбрана издвоен во рамки на Владата во овие над 30 години во Македонија. Благодарност до пратениците и до секој еден кој што ни дава поддршка бидејќи станува збор за огромна сума на средства, порача од Минхенската безбедносна конференција министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Министерот потсети дека последната одлука од самитот во Хаг е буџетот за одбраната да расте на 3,5% од БДП на секоја земја членка и оцени дека тоа се сериозни средства.
Тој откри и дека речисти третина од парите кои годинава се предвидени за одбраната ќе одат за модернизација.
– Над 32% од предвидените пари ги издвојуваме директно за модернизација. Тоа значи нови проекти, оние обврски кои ги имаме од минатото да се исплатат, но и да започнеме од оваа година, веќе започнуваме со доста земји да преговараме. Набргу нè очекуваат и многу нови договори, што Министерството треба да ги направи за наредни 10 години. Ова е обврска која ја преземавме согласно членството во НАТО, нашите цели на способност, но и во наредниот период како да се домодернизираме со новите цели, во наредниот период – посочи Мисајловски во изјава за МРТ.
Претходно, на 17 декември, Мисајловски во гостување на „Топ тема“ најави дека буџетот за одбрана треба да изнесува околу 358 милиони евра.
– НАТО бара 20 проценти, ние ќе вложиме над 32%, заедно со инфраструктурата што ја работиме се над 47 проценти. Тоа е сериозна сума директно за проекти и за модернизација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата