Од ВМРО-ДПМНЕ побараа од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, јавно да одговори како се стекнал со т.н. златна виза во Дубаи и на кое име е регистриран станот кој, според нив, бил споменат во јавно сведоштво поврзано со поранешниот премиер Зоран Заев.
Од партијата наведуваат дека по подолг период на јавни обвинувања и неколку дена по сведоштвото дека Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и, како што оценуваат, индиректна потврда од страна на Филипче.
Како што соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ, на новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не гради, што, според нив, претставува потврда дека објектот го гради Заев.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се протолкува поинаку освен како признание и потврда на нашите тези и на сведоштвото на Тома Аврамски, дека во Дубаи Заев гради зграда висока 42 ката“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека ова, според нив, претставува официјална потврда дека поранешниот премиер го проширил својот бизнис во градежниот сектор и инвестира во висококатници во Дубаи.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ поставува и дополнителни прашања до Филипче, поврзани со начинот на кој ја добил златната виза во Дубаи.
„До денес не се објавени документи за напредни разговори за работен ангажман со некоја болница во Дубаи, иако Филипче тврдеше дека визата ја добил по таа основа“, се наведува во соопштението.
Од партијата прашуваат и дали станот споменат во сведоштвото е во сопственост на Филипче или е префрлен на трето лице.
Истовремено, од ВМРО-ДПМНЕ побараа и од Зоран Заев јавно да одговори на прашањата за изворот на средствата со кои, според нивните наводи, инвестира во изградба на облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува со одговорите, затоа што вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата