По јавната реакција на амбасадата на Кина во Македонија за приемот на официјални претставници на Тајван во македонското Собрание, потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски во изјава за „Вечер“ вели дека нашите политики кон Кина остануваат непроменети.
„Во однос на реакцијата на амбасадата на НР Кина во Македонија би сакал да истакнам неколку поенти :
Прво, официјалната политика на Македонија кон НР Кина останува непроменета, со почитување на принципот на нивната сувереност и територијалниот интегритет на една Народна Република Кина. Уверен сум дека заедничките проекти и соработката во сите области ќе продолжат со несмален интензитет, од кои двете држави како рамноправни партнери ќе имаат взаемна корист.
Второ, избраните претставници во Собранието на Р.Македонија имаат легитимитет и право да остваруваат средби со секој добронамерен поединец или делегација, а се со цел да се искористи потенцијалот за размена на мислења околу меѓународните теми и да се потенцира ставот дека мирољубивиот дијалог за било кое прашање е подобар од било какви можни воени тензии или воени конфликти. Во тој дух и во знак на благодарност за нивната поддршка на Универзитетската клиника за педијатрија, беше остварена и средбата со претставниците од Канцеларијата официјален Тајпеј во Рим, а на која учество земаа пратениците Рашела Мизрахи, Фатмир Битиќи, и мојата маленкост, Антонијо Милошоски.
И на крајот, различните мислења и ставови се нешто вообичаено во секое демократско општество, па затоа сметам дека и од претставниците на НР Кина ваквите средби ќе бидат разбрани како можност за добивање на повеќе информации за теми кои го привлекуваат вниманието на пошироката меѓународна дипломатска јавност. Со почит, Антонио Милошоски“, наведува тој.
Претходно, Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје упати отворено писмо до потпретседателот на Собранието во кое изразува протест поради неговата средба со претставници на Тајпеј во Италија.
„Забележавме дека потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија Антонијо Милошоски, заедно со двајца пратеници, вчера се состана со делегација на таканареченото „Претставништво на Тајпеј во Италија“ во зградата на Собранието. Овој тежок погрешен чин го крши принципот „Една Кина“, политичка обврска што Северна Македонија ја презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина и став што го потврдија претседателката Сиљановска-Давкова и претседателот на Владата на Северна Македонија Мицкоски, со што ја поткопува политичката основа на нашите билатерални односи. Исто така, испраќа погрешен сигнал до сепаратистичките сили кои се залагаат за „независност на Тајван“. Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија го изразува своето силно незадоволство и категорично противење“ – се вели во реакцијата на кинеската амбасада.
Во коминикето се прави осврт на историјатот на кинескиот суверенитет врз Тајван, како и преземените обврски од Република Македонија при воспоставувањето дипломатски односи со Народна Република Кина во 1993 година, кои се потврдени и со Заедничкото коминике меѓу двете земји за нормализација на односите од 2001 година.
Амбасадата потсетува дека во договорот експлицитно е наведено дека „Владата на Република Македонија ја признава Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на Кина, а Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија. Владата на Република Македонија потврдува дека нема да воспостави никаква форма на официјални односи со Тајван“.
„Сепак, она што неодамна го видовме е несфатливо – инсистираната посета на Тајван во официјален капацитет, игнорирајќи ги постојаните силни приговори на Кина минатата година, и овој пат средбата со таканаречените претставници на тајванските власти во зградата на Собранието, национално законодавно тело – обезбедува платформа за политичка театралност на сепаратистичките сили кои се залагаат за „независност на Тајван“. Имаме доволно причини да се запрашаме во кој правец потпретседателот на Собранието има намера да ги насочи нашите билатерални односи?“ – се вели во реакцијата на Амбасадата на НР Кина во Македонија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата