„Согласно Уставот комуникацијата во државната управа, мислам беше членот 5, амандман 7, јасно кажува дека официјален јазик е македонскиот и кирилското писмо, но втор официјален јазик, во случајов е албанскиот јазик. Да не го користам она 20%, бидејќи е јасно е дека е албанскиот јазик. Подолу во истиот член стои дека комуникацијата на Албанците со државната управа е регулирана со закон. Е сега доаѓаме до тој дел, до законот, не кажува со кој закон, но еве, со Законот за употреба на јазици. Јас разговарав со студентите и тие велат дека во Законот за употреба на јазиците, треба во рок од една година да се хармонизираат сите закони. Ако тоа не се направи, тогаш автоматски се смета дека законите се хармонизирани. Сега доаѓаме до дилемата. Законот за јазици е генерален закон, или во правото lex generalis. Законот за полагање на правосуден испит е специјален закон или lex specialis. Не може по автоматизам со lex generalis, да натсинхронизирате lex specialis“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски во гостувањето на ТВ Ора 24 запрашан за барањата правосудниот испит да се полага на албански јазик.
„Вториот проблем е тоа што господата што го носеа законот за јазици, ги излажаа Албанците и овие деца што сега протестираат. Зошто ги излажаа? Затоа што јасно стои во мислењето на Венецијанската комисија, вика да се напушти билингвалност во правосудниот систем“, дополни Мицкоски.
Тој посочи дека Владата претходно покажала дека нема проблем со употребата на јазиците и во делот на социјалната нега на децата се овозможи воспитувачки да полагаат на својот мајчин албански јазик.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата