„40 проценти од административците или ништо не работат или бараат начин како да не дојдат на работа“, открива министерот за јавна администрација Горан Минчев, порачувајќи дека администрацијата не смее да биде заштитена зона.
Според него, формирањето на министерството за јавна администрација, не била само бирократски потег туку политичка порака дека веќе нема да има место за партиски вработувања и нефункционални институции.
Во обраќањето по повод отчетот на министерството со кое раководи, Минчев посочи дека во секоја јавна институција постојат три различни групации кои работат со различен степен. Најави дека ќе бара начин како сите да се вклучат во работниот процес.
„Тоа е мислам горе доле исто во сите институции. Една групација од 25, 30 проценти која го носи теретот на институцијата и работи нон стоп. Втората групација некаде 25 до 30 проценти која е вклучена во процесот, но не го дава максимумот и третата групација која е 40 проценти и е резултат на партиски, етнички, роднински вработувања не работи ништо или се обидува да не дојде на работа. Овие кои што не работат, сакаме да ги вратиме во процесот да ги едуцираме, да ги обучиме по нивна волја демократски да одберат каде да дадат придонес. Што значи нема веќе плата ако не работиш, рече министерот Горан Минчев.
Минчев посочи и дека ќе има три нивоа кои ќе мора да се поминат за вработување во јавната администрација.
Од клучните преземени мерки ја издвои корекцијата на балансерот, односно методологијата за пресметка на етничката застапеност во јавниот сектор, и кажа дека вработувањата во администрациајта треба да се води според резидентното население.
Прашан пак, за оптимизацијата на бројот на вработени во администрацијата, Минчев одговори дека поради висината на платата, се помал е интересот за работа во администрацијата.
„Поради висината на платата која мораме да кажеме дека е несоодветна и мала се соочуваме да немаме интерес за вработување на млади во јавната администрација. Просекот на возраст е голем и се соочуваме со недостиг на кадар и ќе дојдеме во ситуација во наредните 5 до 10 години да нема кој да работи“, посочи Горан Минчев, Министер за јавна администрација.
Министерот најави и дека законските решенија кои произлегле од како што кажа, јавните консултации се веќе во завршна фаза во Собранието.
Реформата на јавната администрација и намалување на бројот на вработени инаку, до сега редовно се нотирани во сите извештаи на Европската Комисија за земјава.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата