Снимка од безбедносна камера, објавена од телевизијата „21“, ја прикажува целата сцена на вооружениот напад што се случи попладнево во Куманово. На видеото се гледа како напаѓачот, облечен во качулка, се доближува до автомобилот со кој се возел д-р Зеќирија Шахини – носител на листата на ДУИ за советот на Општина Липково – и неколкупати пука кон него.
Наспроти првичната информација од МВР дека нападот го извршиле двајца напаѓачи, снимката покажува дека пукачот бил сам.
Д-р Шахини, лекар-пулмолог на скопската Клиника за пулмологија, бил ранет во ногата. Министерството за здравство соопшти дека неговата состојба е стабилна и дека закрепнува.
Од опозициската ДУИ остро го осудија нападот и побараа од полицијата и обвинителството веднаш да го пронајдат и казнат сторителот.
Инцидентот се случил сред бел ден на крстосницата кај улиците Димитрија Туцаковиќ и 11 Октомври во центарот на Куманово, при што бил ранет 43-годишен маж од Липково. Неофицијално се дознава дека мотовите на нападот биле од лична природа, а не како што се сомневаше поради политичка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата