logo
logo
logo

Совет на јавни обвинители ја чека пријавата

ПАНЧЕВСКИ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРОТИВ СИТЕ ЧЛЕНОВИ НА СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИ

Vecer | 18.02.2026

ПАНЧЕВСКИ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРОТИВ СИТЕ ЧЛЕНОВИ НА СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИ

Владимир Панчевски преку својот профил на Фејсбук соопшти дека поднесува кривична пријава против Башким Бесими, претседател на Советот на јавни обвинители и против сите други 9 членови на Советот за Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.1 вв со чл. 22 од Кривичниот законик.

Според него, членовите на Советот на 17.02.2026 година на седница на која се разгледувале кандидатурите за нов државен обвинител ја искористиле својата службена положба и ги пречекориле границите на своето службено овластување, постапиле спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство при разгледување на неговата пријава.

Советот вчера го дисквалификуваше Панчевски од понатамошниот процес, зашто констатирал дека тој не го исполнува условот од најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право.

„’На кандидатот му престанала функцијата пред 13 години и во меѓувреме не бил ниту судија, ниту јавен обвинител. Оттука, тој стаж не може да се смета за непрекинат стаж од областа на кривичното право во смисла на законот’, истакнала членот на Советот Маријана Илиеска. По што Советот заклучил дека кандидатот Владимир Панчевски не ги исполнува законските услови и не треба да биде ставен на листата на кандидати за кои ќе се гласа. Со тоа пријавените со умисла потешко го повредиле моето законско право предвидено во член 61 ст.1 алинеја 1 спротивно на потврда на Основен Кривичен суд Скопје 07. Су.бр.25/26-1 од 20.01.2026 година со која се потврдува дека сум бил во редовен работен однос на неопределено време во овој суд, на работно место – Судија од 08.02.2008 година до 28.07.2020 година и има вкупен непрекинат судиски стаж во ово суд од 12 години, 5 месеци и 20 дена. Со што ме дисквалификувале од понатамошна кандидатура – предлог од страна на Владата и евентуално гласање во Собранието на РСМ.

Исто така во Советот на јавни обвинители како заменик претседател учествувало лице Марјана Илиеска од Прилеп, сопруга на лицето Орде Илиески, осуден за организиран криминал со моја пресуда КОК бр.69/08 од 15.07.2010 година за кривично дело даночно затајување од чл.279 од КЗ, во предметот Тутунски Комбинат Прилеп (каде се конфискувани 4,5 милиони евра имот од осудените по основ на штета врз буџетот на државата). Пријавената Марјана Илиеска како службено лице обвинител и член на Советот на обвинители била должна да се изземе при гласањето како блиско лице под сомнеж за пристрасност и судир на интереси бидејки знаела и можела да знае дека при одлучувањето постои конфликт на интереси, но го премолчела овој факт“, се наведува во објавата на Панчевски.

Тој ги повика Владата и органите на прогонот веднаш да постапат по неговата пријава.

„За исто кривично дело јас бев обвинет и осуден од овој ист судско – обвинителски корумпиран систем на две и пол години ефективен затвор, но во таа постапка немаше лица на кои им беа повредени права, ме осудија за апстрактна повреда. Да видиме дали законот допира до овие за ваква конкретна потешка повреда на права спротивно на закон“, нагласува Панчевски.

Во претходен пост, тој вчера го сподели членот 62 од Законот за јавно обвинителство.

„Во ставот 1 алинеја 1 е предвиден посебниот законски услов за избор на ДЈО, кандидатот да има најмалку 10 години како судија од областа на кривичното право (што значи ‘стекнат стаж’ од 10 години), а не како што толкува Советот да има 10 години стаж до моментот на пријавување. За споредба дека е така видете ја алинеја 3 каде за Виш обвинител се бара непрекинат стаж од 8 години, но до моментот на пријавување што значи ‘тековен активен стаж’ на кандидатот, што е различна правна ситуација и различен услов за различна позиција“, наведе кандидатот за државен обвинител Владимир Панчевски и додаде дека Владата треба да реши дали ќе ја поништи постапката.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесими, по најавата на дисфалификуваниот кандидат за државен обвинител Владимир Панчевски дека сите членови кривично ќе ги гони за злоупотреба на службата, вели дека ќе ја почекаат пријавата па ќе заседаваат по наводите во истата.

„Тој засега најавува по медиуми, да почекаме да видиме дали ќе поднесе па ќе се произнесеме, кусо одговори Бесими за весникот Вечер. За наводите на Панчевски дека му е повредено законското право да се кандидира во однос на работниот стаж, Бесими повторува прво да ја виделе кривичната пријава па ќе се произнеле по наводите.

Советот на јавни обвинители го исфрли од трката Панчевски поради, како што рекоа, немањето најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право, како што пропишува Законот за јавно обвинителство.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk