Новиот градоначалник на Струга, Менди Ќура, заедно со Општината Струга ќе заработат прекршочна пријава поради неисполнување на законска обврска за истакнување на државното знаме. На 28 ноември 2025 година, за време на настан по повод Денот на албанското знаме на улицата „Маршал Тито“ во Струга, на бината и на дел од кејот на реката Црн Дрим, освен знамето на заедниците, не било поставено државното знаме на Македонија, како што го налага законот.
ОВР Струга поднесе барање за поведување прекршочна постапка против правното лице – Општина Струга, како и против одговорното лице М.Ќ. (65) од струшкото село Биџево. Казната е согласно член 11 од Законот за употреба на знамиња на заедниците, а прекршокот се однесува на член 6 од истиот закон.
Инаку, настанот привлече големо внимание поради високата присутност на граѓани и локални политичари, а отсуството на државното знаме предизвика реакции и кај граѓаните и кај дел од медиумите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата