Семејството на премиерот Христијан Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион, одговорија од Владата и од ВМРО-ДПМНЕ по барањето на СДСМ премиерот да каже дали летал со членови од семејството со владиниот воздухоплов.
Во соопштението од Владата се вели дека лажна вест е тврдењето на СДСМ дека семејството на премиерот Христијан Мицкоски патувало до Сплит, Хрватска.
„Службениот авион стар 20 години е користен исклучиво од премиерот Мицкоски, без семејна придружба за негови службени потреби, и во период од две години само за 4 патувања во соседството. Лицемерно е однесувањето на СДСМ и лидерот Венко Филипче, кој во затворени разговори се согласува за набавка на нов владин авион, а во јавност сосема спротивно истото го критикува. Додека СДСМ и Венко самите се договорат со себе, апелираме информациите кои произлегуваат од оваа партија да се земаат со голема претпазливост поради нејзините шпекулативни намери“, се нагласува во соопштението од Владата.
Од ВМРО-ДПМНЕ го потсетуваат СДСМ, пред да влезе во материјална и теснограда расправа за владиниот авион, да биде свесен дека Македонија има еден нерасветлен атентат врз претседател и уште еден инцидент на трагично загинат претседател на држава со владино летало.
„Очигледно е дека работи фројдовскиот елемент кај СДС, и тие на тој начин самите се издаваат дека Зоран Заев летал со целото семејство во Амстердам на одмор и дека најчеста дестинација на авионот била Ниш во времето на владите на СДС“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Актуелното владино летало од кое СДС и Венко Филипче прават евтин сензационализам е старо 20 години, купено 2005 година и од 2017 до сега се потрошени околу 4 милиони евра за поправки. Воедно индикативно и би можело да се оцени за крајно лицемерно е поведението на лидерот на СДС Венко Филипче кој зад затворени врати го поддржа купувањето на новиот владин авион, а во јавноста се противи поради ситен партиски интерес и гол популизам. Кој Венко се противи, тој кој во 4 ѕида вели купете авион, или тој кој пред микрофони вели не купувајте авион, дадете пари за минимална плата? Ова се вика дефиниција за лицемерие. СДС шири лажни вести“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на парите за минимална плата од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат дека тие може да се обезбедат од, како што велат, крадените пари од кои Венко Филипче купи хациенди на Водно, од парите од провизиите од кинеските вакцини „стабри“ кои ги договораше Венко Филипче, или пак од парите со кои Заев гради згради во Дубаи, или пак од парите кои Вице Заев ги украде од РЕК и ги префрли на бугарска фирма.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата