logo
logo
logo

Кандидатите сеуште ги нема

Советот да размисли како ќе ја штити Ленче Ристовска во трката за „МИС НА МАКЕДОНИЈА“

Vecer | 05.02.2026

Советот да размисли како ќе ја штити Ленче Ристовска во трката за „МИС НА МАКЕДОНИЈА“

Ленче Ристовска, обвинител, поднесува кандидатури, пријави, тужби, каде ќе стигне и каде и е потребно да биде жртва и да ги „испере“ спомените на јавноста за СЈО и нејзината улога во СЈО.

Побара од Советот на обвинители да ја „заштити“ од критики на јавноста и новинарите за нејзината неуспешна кандидатура за судија во Судот за човекови права во Стразбур.

Ленче Ристовска заборава дека Советот на јавни обвинители не е нејзин личен бодигард во сeкоја прилика - таа се кандидирала за судија во Стразбур лично во свое има и за своја сметка, како граѓанин, и оттаму, нејзината кандидатура нема врска со обвинителски процес и обвинителска работа за која Советот на обвинители може да размислува или решава.

Кога Ленче Ристовска би се кандидирала за Нобелова награда или Мис на Македонија, исто така би можела да побара заштита од Советот на јавни обвинители од критиките за нејзина кандидатура.

До Советот на јавни обвинители сѐ уште не се доставени пријавите од кандидатите кои конкурирале на огласот за избор на нов Јавен обвинител. Претседателот на Советот, Башким Бесими, изјави дека ќе постапи веднаш штом пријавите формално ќе стигнат во законски предвидениот рок.

– До овој момент сѐ уште не стигнале пријавите на кандидатите. Кога ќе стигнат, во законски рок од 15 дена, ќе дадеме одговор за кандидатите – изјави Бесими.

Тој додаде дека имињата на кандидатите веќе се познати во јавноста, но дека формално нема да објави ништо додека не пристигнат официјалните документи.

– Во принцип ги знаеме сите кандидати, но ќе ги разгледаме пријавите и на седница ќе одлучиме – додаде тој и појасни дека по разгледувањето на документацијата, Советот ќе ја извести Владата во законскиот рок.

Иако официјално не се потврдени имињата на кандидатите, како што некои од пријавените и самите потврдија, станува збор за сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.

По седница на Владата, од пред два дена, владината портпаролка Марија Митева соопшти дека е донесен заклучок поврзан со петте кандидатури за државен јавен обвинител, процесот преминува во следната законска фаза – доставување на комплетната документација до Советот на јавните обвинители. Советот, согласно законските одредби, има рок од 15 дена да достави мислење до Владата за секој од кандидатите.

По добивањето на мислењето од Советот, Владата треба да утврди предлог и да го достави до Собранието, каде со 61 глас се избира новиот државен јавен обвинител.

Во оваа постапка се применува редоследот утврден со Законот за јавното обвинителство. Ако Советот не достави позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не може да предложи избор и Собранието мора да распише нов оглас.

Постапката следи по оставката на претходниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесена во декември минатата година, по што функцијата в.д. државен јавен обвинител ја извршува Анита Тополова-Исајловска, но најмногу до шест месеци, поради што изборот на нов носител на функцијата е неопходен во предвидениот рок.

Бесими ја одложи денешната седница на Советот на неодредено време поради немање кворум за работа.

За денешната седница беа предвидени повеќе точки, меѓу кои и записникот на Комисијата по постапката за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, поднесена од јавниот обвинител Ленче Ристовска.

Советот требаше да одлучува и по два дисциплински предмета, а требаше да донесе и одлуки за објавување огласи за избор на јавни обвинители во Основните јавни обвинителства во Ресен, Крива Паланка и во Кочани.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk