Го намаливме ДДВ-то најмногу во целиот регион, а потоа интервениравме и со акцизата што позитивно влијаеше имајќи предвид дека целокупната инфлација во март оваа година споредена со март минатата година е само 0,7 %. Има одредени шпекулативни однесувања на пазарот со цените и во вторник на редовната седница на Влада ќе ги гледаме извештаите на Министертвото за економија и на таа основа ќе преземеме мерки, истакна вицепремиерот Александар Николоски во емисијата “Само Интервју” на Тв Канал 5.
“Она што огледаме e одредени шпекулативни однесувања, затоа што никој не може да ме убеди дека наеднаш цените растат од ден за ден. Имавме такви, на пример во битуменот. Тоа е најкарактеристично каде што битуменот порасна скоро за 100% само за еден месец. И затоа го задолживме Министерството за економија заедно со Државниот пазарен инспекторат да направат споредба на цени и квантитативно да ги споредат и во вторник на редовната седница на Влада ќе ги гледаме извештаите и на таа основа ќе преземеме мерки. Може ќе треба да одиме покрај со оваа политика на олеснувања и со рестриктивна политика односно оние кои што ја злоупотребуваат ситуацијата да бидат казнети” – истакна вицепремиерот Николоски.
Тој ги спореди цените на горивата во регионот и додаде дека Македонија има најниски цени на горивата по интервенциите на Владата.
“ Во делот на оние цени кои што се поврзани со берзата, како на пример бензинот и нафтата, тука апсолутно презедовме мерки, знаете дека имаме најевтини цени на супер, безоловен и дизел во целиот регион и всушност само тоа што е зголемен конзумот на овие производи за три пати од страна на граѓани кои што доаѓаат надвор од Македонија, на пример во пограничните места со Грција, покажува дека навистина ова што го говориме е така и всушност цените се најниски”-додаде Николоски.
Доколку продолжи кризата, тој најави преземање на дополнтелни мерки.
Мерките, според Николоски, можеби ќе треба да бидат покрај оние за олеснување и со рестриктивна политика, односно оние што ја злоупотребуваат ситуацијата да бидат казнети.
-Тоа е вториот дел. Доколку продолжи кризата, иако како што кажав работите се менувата. Доколку продолжи кризата секако ќе интервенираме и тука – изјави Николоски, посочувајќи дека иако „по примирјето се надевам дека ситуацијата ќе оди во една добра состојба и дека нема да се повтори овој конфликт на Блискиот Исток“.
Во однос на минатогодишната ситуација и „картелското здружување“ на повеќе маркети во државата, Николоски потсети дека тоа на крајот го потврдила и Комисијата за заштита од конкуренцијата, нагласувајќи дека „лани јасно беше дека се работи за шпекулативно однесување“.
-Оваа година веќе е внесена, односно е од надвор целата оваа криза, но повторно има шпекулативно однесување. Повторувам, конфликтот таму траеше нецели четири недели, а од ден за ден дека толку можат да се менуваат цените и дека никој нема залиха во магацините и дека од ден за ден ја купуваат робата и ја продаваат на граѓаните. Тоа е надвор од било каква економска логика и јасно е дека имаше шпекулативно однесување – изјави Николоски.
ЗА ПОЛИТИКАТА И ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ
Добро е што ние водиме достоинствена политика, не правиме понижување ниту на себе, ниту на сопствената нација и држава и не коленичиме, туку достоинствено ја водиме политиката и ставот за ЕУ ни е јасен, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на гостувањето во една од националните телевизии, одговарајќи на прашањата за влезот на Македонија во ЕУ.
-Тоа што е до нас, го правиме. Еве во Планот за раст сме далеку пред земјите во регионот и тоа може да се види во новиот извешта што ќе излезе во јуни. Во делот на реформи спроведуваме тоа што се бара, во другиот дел немаме што да правиме и мислам дека е јасно. Софија не е проблемот, туку Софија е добар изговор за да не се реши проблемот. Чекаме неколку големи главни градови да решат дали сакаат проширување на ЕУ или не. Ако сакаат проблемот со Бугарија ќе се реши за едно пополадне – рече Николоски.
Прашан дали се уште стои на ставот дека Албанија нема да влезе во ЕУ што го кажал порано, рече дека секогаш стои зад тоа што го кажува и додаде дека тоа не е заради тоа што Албанија не прави доволно за членство, туку заради фактот што ЕУ се уште не решила дали сака да има проширување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата