Можеби многу мал број Македонци веруваа дека, по над 30 години најави, ќе се потпише договор и ќе тргне изградбата на пруга од Македонија кон Бугарија но, на крај, тоа се случува. Договорот е потпишан.
Македонија и Бугарија се обврзаа на активности и обврски за изградбата на железничкиот тунел на Коридорот 8 со Договор, што го потпишаа ресорните министри Александар Николоски и Гроздан Караџов, во присуство на претставници на Европската комисија, НАТО, и на банките кредитори на проектот за железничко поврзување на двете држави.
Со овој договор исполнето е едно од најважните ветувања на оваа влада пред изборите кое е од суштинска економска важност и за Македонија но, и за економските и стратешки проекти на ЕУ и НАТО. Токму поради тоа честитки и поддршка дојдоа од Брисел, од страна на претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта, веднаш по потпишувањето на договорот.
Антонио Кошта добро ги познава приликите на Балканот и, при неодамнешната посета на Софија на 5-ти септември ги поддржа ставовите ма македонската влада и премиерот Мицкоски дека за влез на Бугарите во Уставот е потребна гаранција од Бугарија и од ЕУ дек е тоа последен услов за почеток на прегворите патем, спомнувајќи ја и неопходноста од инфратсруктурно поврзување помеѓу двете држави. Месец дена потоа договорот за железнички нова пруга помеѓу Македонија и Бугарија - е потпишан.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, на 5-ти септември годинава, изјави дека е разумно Северна Македонија да добие гаранции дека нема да има нови услови на нејзиниот пат кон ЕУ по исполнувањето на постојните. Според него, градењето доверба е клучен дел од процесот.
„Во исто време, многу е важно да се изгради доверба и да ѝ се даде гаранција на Северна Македонија дека она што го бараме сега е сè што бараме, а не дека чекаме за потоа да побараме да се направи повеќе. Тоа е разумно“, рече Кошта на прес-конференција со бугарскиот премиер Росен Желјазков во Софија.
Тој вели дека токму поради потребата од градење доверба ги поканил владите во Скопје и Софија да започнат соработка на конкретни прашања. Како пример, Кошта го посочи подобрувањето на поврзаноста меѓу двете земји, како што се транспортните коридори, што би ги поврзало народите и би ги подобрило економиите. Ова, според него, би бил „прв важен чекор за да се почне да се работи заедно“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата