logo
logo
logo

Алиу: Во тек е истрагата од Министерството за здравство и МВР за 5-ТЕ ТОНИ МАРИХУАНА ФАТЕНИ ВО СРБИЈА

Vecer | 04.02.2026

Алиу: Во тек е истрагата од Министерството за здравство и МВР за 5-ТЕ ТОНИ МАРИХУАНА ФАТЕНИ ВО СРБИЈА

Министерот за здравство, Азир Алиу вели дека во овој момент не може да открие детали во врска со истрагата за петте тони марихуана запленети во Србија, за кои се сомнева дека потекнуваат од Македонија.

Како што посочи на денешната прес-конференција, работните групи на Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи интензивно работат на случајот и, како што рече, не би преудицирал кога би имало извештај за овој случај.

Ништо не можеме да кажеме во овој момент бидејќи процедурите се активни. Работиме заедно со Министерството за внатрешни работи и дозволете да им дадеме време на институциите, па податоците да ги соопшти министерот за внатрешни работи кога истрагата ќе биде во понапредна фаза – изјави Алиу.

Министерот додаде дека веќе се работи на законски измени во областа, при што работната група започнала со анализите уште пред да излезе во јавноста аферата со запленетата марихуана во Србија.

Според него, во постојниот Закон биле детектирани одредени слабости кои ќе бидат надминати со новото законско решение.

Оставете да видеме што имаат стручњаците да кажат за Законот и за членовите коишто дополнително се ставени во новото законско решение. Мислам дека ќе имаме Закон со којшто ќе може да ги следиме активностите. Можам да ви кажам дека од наша страна како Министерство, кое е надлежно за лиценците, 60 лиценци се издадени од наша страна, 18 се иземени заради непрописно функционирање од страна на приватните организации и сме во тек и знаете дека според постоечниот Закон треба да даваат Извештаи и ние ги следиме – рече Алиу.

Министерот кој денеска одговараше на новинарски прашања за аферата со пронајдената марихуана во соседна Србија, а која доаѓа од Македонија рече дека му е задоволство што овој тип на злоупотреби веќе знаат во реално време да ги детектираат и да имаат заеднички активности со МВР.

Пред два дена од македонското Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информираа дека веќе разменуваат информации со српските колеги и веќе е оформен предмет за овој случај. Целта е откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот на заплена на пет тони марихуана, велат од Обвинителството.

Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност- соопштија пред два дена од ОЈО ГОКК.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk