logo
logo
logo

Глукозамин за зглобови – помош кај артритис или само плацебо ефект?

Vecer | 06.07.2026

Глукозамин за зглобови – помош кај артритис или само плацебо ефект?

Милиони луѓе користат глукозамин за здравјето на зглобовите, но научните истражувања даваат мешани резултати. Експертите објаснуваат дали овој суплемент навистина помага при болки и артритис.

Суплементите се популарни повеќе од кога било, а еден од нив во последните години е во центарот на вниманието ‒ глукозамин. Милиони возрасни луѓе го користат секоја година за да го подобрат здравјето на зглобовите и да ги ублажат симптомите на остеоартритис, но една неодамнешна студија покажува дека тој би можел да биде поврзан со забрзано когнитивно опаѓање кај некои луѓе.

Ова откритие не мора нужно да биде причина да престанете да земате глукозамин, велат експертите, но го отвора прашањето дали неговите потенцијални ризици ги надминуваат придобивките. Колку е всушност ефикасен глукозаминот?

Еве што вели науката...

Што е глукозамин и што се смета дека прави?

Глукозаминот е амино-шеќер кој природно се наоѓа во организмот и го поттикнува создавањето и обновувањето на 'рскавицата, која ги амортизира зглобовите. Како што 'рскавицата со текот на годините пропаѓа, а глукозаминот не се наоѓа во значајни количини во храната, многу луѓе посегнуваат по суплементи со надеж дека ќе го подобрат здравјето на зглобовите.

Производителите обично го добиваат глукозаминот од школки или го произведуваат во лабораторија, по што се пушта во продажба, често во комбинација со хондроитин-сулфат ‒ уште една супстанција присутна во 'рскавицата ‒ во форма на таблети или капсули. На декларациите се наведува дека овие суплементи го поддржуваат здравјето на зглобовите или ги подобруваат подвижноста и удобноста.

Дали суплементите со глукозамин се ефикасни?

Д-р Клодет Лајам, ортопед-хирург од ОРтопедскиот центар „NYU Langone“ и професорка по ортопедска хирургија на „NYU Grossman School of Medicine“, наведува дека забележала оти комбинацијата на глукозамин и хондроитин-сулфат „изгледа дека им помага на некои луѓе со артритис“.

Меѓутоа, иако може да им помогне на одредени лица, научните докази за ефикасноста на глукозаминот се „во најдобар случај прилично слаби“, вели д-р Нејтан К. Ендрес, вонреден професор по ортопедија и рехабилитација на „University of Vermont Larner College of Medicine“.

Само мал број студии го испитале влијанието на глукозаминот врз други зглобови освен колената, со ограничени докази за подобрување на болката или на структурата на зглобот, наведува Националниот центар за комплементарно и интегративно здравје. Поголемиот дел од истражувањата се фокусирани на остеоартритис на коленото, но резултатите се поделени.

На пример, една студија од 2008 година покажа дека глукозаминот и хондроитин-сулфатот, во споредба со плацебо, не довеле до „клинички значајна разлика“ во ширината на зглобниот простор, додека студија од 2016 година сугерираше дека плацебото било дури поефикасно во намалувањето на болките во коленото.

Од друга страна, мета-анализа од 2022 година покажа дека лицата со остеоартритис на коленото кои ја користеле оваа комбинација имале „статистички значајна предност“ во прашалниците кои ги проценуваат симптомите.

Сепак, Ендрес нагласува:

„Дури и во студиите кои покажуваат некаква придобивка, тоа не се големи разлики.“

Дали е глукозаминот безбеден?

Иако доказите за ефикасноста се слаби, глукозаминот генерално се смета за безбеден за повеќето луѓе. Експертите истакнуваат дека е популарен токму затоа што несаканите ефекти обично се благи. Тие вклучуваат главоболка и гастроинтестинални тегоби како мачнина и запек.

Во новата студија, истражувачите уочиле поврзаност меѓу употребата на глукозамин и побрзото когнитивно опаѓање кај лица со благи когнитивни пречки, како и поголем ризик од смртност во рок од пет години кај пациенти со Алцхајмерова болест. Меѓутоа, студијата покажува само поврзаност, а не и причинско-последична врска.

Д-р Лајам објаснува дека луѓето кои помалку се движат ‒ а токму тие најчесто користат глукозамин ‒ веќе се со поголем ризик од деменција, па намалената подвижност би можела да биде вистинската причина, а не суплементот. Потребни се дополнителни истражувања.

Постојат и познати ризици: глукозаминот може да го зголеми ризикот од крварење кај лица кои земаат варфарин, а во комбинација со ацетаминофен (парацетамол) може да ја намали ефикасноста на двата лека.

Покрај тоа, суплементите како глукозамин не се строго регулирани од страна на американската Агенција за храна и лекови (FDA), па корисниците всушност не можат да бидат целосно сигурни во точниот состав и дозата на производот.

Ако најдете производ што ви одговара, д-р Лајам препорачува да останете доследни на истиот бренд.

Таа исто така советува консултација со лекар пред почетокот на употребата и следење на болката пред земањето на суплементот, како и по 30 дена, за да се процени дали има реална придобивка.

На крајот, д-р Лајам истакнува и една „нуспојава“ на глукозаминот:

„Ви го осиромашува паричникот. Ако веќе трошите пари, сакате да бидете сигурни дека ги трошите на нешто што навистина помага.“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk