По романот „Кројачот“, кој освои десетици илјади читатели, бестселер авторката Јелена Бачиќ Алимпиќ нè враќа во светот на семејството Бајер. Нејзиниот нов роман „Синот на кројачот“ носи силна приказна за љубовта, загубата, тајните и простувањето, но и отвора бројни прашања за емпатијата, општеството и трајните вредности, за кои авторката отворено зборува во овој разговор. Во средиштето на романот „Синот на кројачот“ се наоѓаат Олгица и Јакоб Бајер, сестра и брат кои годините молк, вината и семејните тајни ги раздвоиле. Кога повторно ќе се сретнат, во сенката на прекрасната градина почнуваат да ја откриваат вистината за своите животи. Преку исповедта на Олгица за патот од напуштањето на семејниот дом на нејзиниот 18. роденден, па сè до Ерусалим, и соочувањето на Јакоб со неочекуваното семејно минато, авторката ги испишува страниците за тајните што болат и љубовта која му одолева на времето. Ова е приказна за храброста да се почне одново и силна потврда дека за среќа, помирување и вистина никогаш не е доцна.
Со Јелена Бачиќ Алимпиќ разговаравме за предизвиците при создавањето на ова долгоочекувано продолжение, кое пристигнува на 6 јули во книжарниците ширум Србија во издание на „Лагуна“, за оживувањето на нејзините ликови на малите екрани во сериите „Рингишпил“ и „Казна за гревот“, но и за недостигот на емпатија во дигиталната ера, родителството и најголемите борби со кои се соочуваат жените во 21 век.
Вашиот нов роман „Синот на кројачот“ стигнува пред читателите како долгоочекувано продолжение на „Кројачот“. Првпат ја исполнивте желбата на публиката. Што ви беше најголем предизвик овој пат? Дали денес ви е потешко да ја изненадите публиката или самата себеси?
– И едното и другото. Најпрво ми беше тешко да се изненадам себеси, а потоа и читателите, бидејќи сакав ученикот да го надмине учителот, и мислам да успеав во тоа. „Синот на кројачот“ е малку подлабока, поинаква, послоевита и поемотивна книга од „Кројачот“, која е одлична. Она што можам да го откријам е дека ова е мојот прв роман кој навистина има среќен крај.
Колку беше емотивно тешко, а колку ослободувачки, да им се вратите на ликовите на Олгица и Јакоб и повторно да нурнете во нивниот свет полн со тајни и чувство на вина?
– Вие како да сте мој личен психотерапевт. На почетокот беше ослободувачки, а потоа неискажливо тешко бидејќи, додека бев при крајот на романот, ми почина мајка ми. Тоа едноставно не може да се опише со зборови. Сепак, успеав, поради неа и за неа.
Често пишувате за времиња кога човекот можел да изгуби сè, освен способноста да сака, да памети и да прости. Дали мислите дека современите читатели во вашите романи всушност бараат бегство и лек за површноста на денешницата?
– Верувам дека е така, бидејќи тогаш моето пишување има цел. Мојата желба е тие да уживаат во читањето, многу од нив се пронаоѓаат во моите книги, на многумина дури им помагаат и им нудат бегство. Читањето е како патување и откривање на она што можеби не сме го знаеле. И дефинитивно е лек за површноста на денешницата.
Зошто станавме површни?
– Времето што нè меле, отуѓените односи во општеството и во нашето лично опкружување, сето тоа придонесе, за жал, да станеме површни.
Дали нè очекува и ново продолжение?
– Нема да има ново продолжение, но би сакала оваа книга, освен огромна љубов, на читателите да им даде надеж и утеха, како и вера дека навистина ништо не е невозможно ако силно сакаме и посакуваме.
Екранизирани се дури два ваши романи. Како изгледаше моментот кога првпат ги видовте вашите ликови на екранот? Дали сте задоволни од серијата „Рингишпил“? За неа пристигна и награда на Златибор.
– За некои ликови мислам дека се совршено избрани за одредена улога, а за некои не. Мислам дека кога писателот ја гледа екранизацијата на својот роман, секогаш нешто ќе му пречи. Сепак, со нашиот буџет и условите во кои работеа актерите и целата филмска екипа, серијата е одлична. Големо благодарам до Наташа Дракулиќ!
Публиката со нетрпение ја очекува серијата „Казна за грев“. Серијата опфаќа дури четири епохи и многу комплексни наративни линии. Колку е за еден писател предизвикувачки и тешко да му го препушти своето дело на сценаристот (Наташа Дракулиќ) и на режисерот? Дали стравувавте од тоа како вашата емоција ќе биде пренесена на малите екрани?
– За жал, не бев постојано присутна како кога се снимаше „Рингишпил“, видов само фрагменти. Наташа Дракулиќ овде се потпишува и како сценограф и како драматург (намерно не го користам новиот правопис, ме нервира...). И денес се грижам, но не многу, бидејќи адаптацијата ѝ ја доверив на Наташа, која е одлична во својата работа, ако не и најдобра. Токму поради таа доверба не се плашам и едвај чекам во септември да почне емитувањето на ТВ-серијата заснована на мојата трилогија „Казна за грев“.
Преминот од новинарството во книжевноста ви донесе личен мир, но не престанавте да го набљудувате светот околу себе. Како од денешна перспектива ја гледате состојбата во нашето општество, дали хронично ни недостига емпатијата, која толку многу ја истакнувате во книгите?
– Да, убаво го забележавте тоа, затоа пишувам без калкулации, гола пред себе и пред светот; мислам пред сè на својата душа, но и на себе во целина. Моите книги се такви бидејќи верувам дека, особено во последните години, ни недостигаат емоции и емпатија.
Живееме во ера на брзи информации и инстант решенија, додека вашите романи се занимаваат со трајни вредности, долгогодишни страдања и исчекувања. Дали се плашите дека новите генерации го губат трпението за вистински, длабоки емоции и меѓучовечки односи?
– Мислам дека дигитализираното време во кое живееме нè направи такви, а кога станува збор за тинејџерите – каде што тоа е некако најтранспарентно – родителите секако играат голема, ако не и најважна улога. Знаете како, јас моите деца ги воспитував онака како што мене и брат ми нè воспитуваа моите покојни родители, и тие израснаа во остварени млади луѓе, полни со емпатија и одговорност кон себе и кон другите. Искрено се надевам дека младите мајки и татковци ќе им посветат многу повеќе внимание на своите деца, ќе си играат со нив во парковите, ќе ги носат на излети, ќе им читаат пред спиење и, што е најважно, ќе ги учат во таа рана возраст дека книгите им се пријатели. Најлесно е на дете од две или три години да му дадете таблет или мобилен телефон само за да го смирите. Таквите родители сериозно се лажат, а за состојбата во нашето општество не би сакала ни да зборувам. Како што мојот сограѓанин, кој засекогаш ќе биде запишан меѓу ѕвездите и ќе живее во нашите срца, Ѓоле Балашевиќ, одамна и убаво кажа: „Сè отиде во Хондурас“.
Улогата на жената во вашите романи често е обележана со историско страдање, но и со неверојатна сила и жртва. Каде ја гледате силата на жената во денешна Србија и во што се огледува нејзината најголема борба во 21 век?
– Најголемата борба на жените во 21 век е јасно и гласно да кажат „не“, да кажат што мислат, да живеат без страв. Сепак, ми се чини дека само мал број жени се такви. Многу е важно да се ослободат од стравот, да живеат по свои стандарди, чесно и, секако, по закон, но да имаат слобода да живеат без страв.
Кога денес би можеле да се вратите 15 години во минатото, во времето кога штотуку го објавивте „Рингишпил“, и да ја посаветувате тогашната Јелена пред сите професионални и животни бури, што би ѝ рекле?
– Би ѝ рекла: „Секоја чест, госпоѓо!“
Во книгите ги водовте ликовите низ војни, загуби и страдања до конечен мир. Каде вие ја пронајдовте вашата оаза на мирот?
– Патувањето, постојаното читање и откривањето на нови хоризонти во секоја смисла се мојата оаза на мирот.
Моето семејство е од Сомбор, затоа го сакам.
Се запознавме во Сомбор на Театарскиот маратон. Што ве поврзува со овој град?
‒ Го сакам Сомбор со неговите прекрасни платани. Мојот покоен татко е роден „во тој Сомбор“, а мајка ми е родена токму во близина, во градот Риѓица, па дојдоа во Нови Сад, каде што се родивме јас и мојот брат.
Дали сте го виделе нивниот голем хит „Семпер Идем“?
‒ Не сум го видела, но ќе го видам во првата можност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата