Улицата „Габриел Пери“ во Сен Дени е типична за северните предградија на Париз. Во излогот на една месарница висат одрани јагнешки глави, во дисконтна продавница маици се продаваат за два евра, а на тротоарите препродавачите нудат шверцувани цигари. Токму во оваа осумкатна станбена населба, во најгусто населеното париско предградие, израснал Жордан Бардела, пишува „The Economist“.
Патот на овој 30-годишник, од повлечен и срамежлив тинејџер до претседател на десничарско-популистичкиот Национален собир (РН), е исклучително необичен. Наскоро приказната би можела да добие ново поглавје. Марин Ле Пен, неговата политичка менторка, ќе дознае дали апелациониот суд ќе ја потврди забраната за нејзино кандидирање за јавни функции поради злоупотреба на средства од Европскиот парламент. Доколку забраната за Ле Пен остане на сила, Бардела во април следната година ќе биде кандидат на Националниот собир на претседателските избори во Франција.
Бардела признава дека во младоста бил многу срамежлив и деновите главно ги поминувал во својата соба играјќи видеоигри како Call of Duty или FIFA. Не посетувал ниту едно од елитните училишта каде традиционално се образова француската елита, а на крајот и ги напуштил студиите. Вели дека во париските општествени кругови често го исмејувале поради неговото работничко потекло и презиме. Иако пораснал на само десет минути од местото каде што официјално започнува Париз, тоа за него било сосема друг свет.
Брз подем до врховите на власта
Подемот на Бардела во партијата бил метеорски. Се приклучил на 16 години, на 18 веќе бил локален активист, на 23 ја предводел листата за Европскиот парламент, а на само 27 години бил избран за претседател на партијата. Клучната улога ја имала Марин Ле Пен, која го избрала за свој политички наследник и му дала шанса на исклучително млада возраст.
Денес тој е една од најпознатите личности во Франција. Вниманието на јавноста го привлекува и неговиот приватен живот, бидејќи е во врска со италијанска принцеза од некогашната кралска династија на Двете Сицилии. Според анкетите, доколку Бардела биде кандидат, тој убедливо би победил во првиот круг од претседателските избори, со реални шанси за конечна победа и во вториот круг.

Неговата привлечност за гласачите е разбирлива. Тој претставува ново, поугладено лице на партијата која некогаш беше изолирана поради антисемитизам и радикални ставови. Важно е и тоа што не го носи презимето Ле Пен, но и што доаѓа од департманот Сен Сен Дени, најсиромашниот регион во Франција.
Политичка визија и потенцијален судир со Берлин
Бардела е вешт говорник кој настапува смирено и самоуверено, а со повеќе од два милиони следбеници на ТикТок, тој е еднакво популарен и меѓу тинејџерите и меѓу пензионерите. Неговата политичка визија е национализам по примерот на Трамп, со нагласок на строга контрола на имиграцијата, скептицизам кон зелените политики и противречење на таканаречената „воук“ (woke) идеологија.

Европските дипломати ги смирува неговата оценка дека Русија претставува повеќедимензионална закана и дека Франција би го задржала учеството во операциите на НАТО. Сепак, тој се противи на влезот на Украина во Европската унија и долгорочно се залага за излегување на Франција од интегрираната воена команда на НАТО. Дополнително, неговата замисла за преобликување на ЕУ во заедница на суверени држави, со значително намалување на францускиот буџетски придонес, речиси сигурно би довела до сериозен судир со Берлин.
Разлики со менторката и прашањето за имиграцијата
Иако својот однос со Марин Ле Пен го опишува како многу близок, Бардела во последните месеци сè почесто покажува политичка самостојност. Додека Ле Пен заговара намалување на старосната граница за пензионирање и силна улога на државата во економијата, тој е повоздржан и се обидува да ги придобие конзервативните граѓански гласачи преку пораки наклонети кон бизнис заедницата.
Сепак, негова главна тема останува имиграцијата. Бардела се залага за укинување на автоматското стекнување државјанство со раѓање на француска територија и намалување на социјалните права за доселениците. Неговото противење се заснова на верувањето дека денешните доселеници не се интегрираат како што тоа го направиле неговите родители. Неговата мајка е родена во Торино, додека неговиот дедо по татко бил Италијанец кој се оженил со Французинка со алжирско потекло.
Митот за момчето од предградието
Во неговата официјална биографија се премолчуваат некои детали. Неговиот татко, кој се развел од мајка му уште во детството, водел успешна мала фирма за дистрибуција на пијалаци и му купил автомобил на својот син уште во тинејџерските години. Исто така, Бардела рано го напуштил државното образование и се школувал во приватно католичко училиште.
Денес, тој поминува многу повеќе време во париските бизнис кругови и амбасади отколку на улиците на Сен Дени. Виден е и во ВИП ложата на Големата награда на Монако, што носи ризик да го изгуби кредибилитетот кај гласачите кои се противат на елитата. Бардела е опседнат со детали и екстремно внимава на својот имиџ, па дури и белите кошули ги пакува со хартиени влошки за да не се изгужваат.
Клучниот момент за неговата иднина ќе биде одлуката на судот за Марин Ле Пен. Ако таа добие дозвола за кандидатура, Бардела повторно ќе падне во нејзина сенка. Ако забраната остане, Ле Пен ќе му го препушти водството на човек кој не е член на семејството Ле Пен, што е историски преседан за оваа партија. Прашан за ваквиот исход, Бардела дипломатски одговара дека вистината за неговата загриженост веројатно е некаде на средина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата