logo
logo
logo

АЛИ АХМЕТИ И ДУИ СЕ ДИНОСAУРИ КОИ ИСЧЕЗНУВААТ, тврдат и албанските интелeктуалци

Vecer | 27.10.2025

АЛИ АХМЕТИ И ДУИ СЕ ДИНОСAУРИ КОИ ИСЧЕЗНУВААТ, тврдат и албанските интелeктуалци

Време за заминување на политичките елити што не ги разбраа промените На овие избори, практично се потврди дека младите Албанци повеќе не гласаат врз основа на етничка припадност, со иконографијата и фолклоризмот од минатото, туку сè повеќе се склони кон зајакнување на стандардите на демократскиот свет – меритократија (заб. прев. владеење врз основа на заслуги), транспарентност и одговорност.

ДУИ не фати приклучок на промените, ниту пак ги разбра нив. Тие не ги сфатија ниту глобалните геостратегиски текови, ниту локалниот импакт од нив. Тие замижаа пред тековните демографски промени, промените во урбанизацијата, новите пристапи кон образованието и дигитализацијата. Тоа се промени што се случуваат забрзано не само во Македонија туку и во целиот регион на Балканот и многу пошироко…

Слабиот резултат на ДУИ во првиот круг од локалните избори поттикна барања и повици за политичко пензионирање на лидерот на партијата, Али Ахмети, кој се соочува со критики од албанската јавност во земјава, но и во регионот.

Пред неколку дена во своја анализа, која ја објави информативната агенција на албански јазик „Илирија-ИНА“ од Скопје, д-р Фадил Малоку, професор по социологија во Приштинскиот универзитет, се осврна на причините за поразот на Али Ахмети и ДУИ на локалните избори во Македонија, но и на причините, поради кои Ахмети се урниса како политички лидер во очите на Албанците од Македонија.

Долгиот престој на Али Ахмети на власт, исполнет со скандали, роднинство, со поклонување нему како да е идол, како и со иконографија на воени симболи, предизвика тој засекогаш да ги изгуби и харизмата на албански водач во војната и политичката моќ, која ја компромитираше додека беше на власт. ДУИ наместо да се развива со текот на времето, стана сериозна пречка за развојот и еманципацијата на Албанците во Македонија. Затоа Ахмети и ДУИ доживеаја пораз на локалните избори – нагласува професорот Фадил Малоку во својата колумна со наслов „Во Македонија не победи Вреди, туку загуби Али Ахмети?

Во колумната, Малоку пишува: „Во теориите на развојната социологија постојат мноштво објаснувања поврзани со почетокот на ерозијата на разни политички лидери, кои ја издигнаа својата харизма на метеорски начин – или преку симболичниот капитал на војната (Али Ахмети, Хашим Тачи итн.) или преку капиталот на мирот (Ибрахим Ругова, Албин Курти итн.).

Овие типови лидери првично почнуваат да се ’промовираат‘, да се катапултираат или да се тестираат преку предизвици, што се јавуваат во идентитетските (војни), социјалните кризи на вредности, или во економските и егзистенцијална кризи. Али Ахмети е токму типичен пример за политичката елита што настана од продолжениот морален капитал на војната и националниот отпор, но која, со долгото останување во политиката и потрошувањето на сите привилегии на власта, со фијаското што го доживеа на последните избори во Македонија, ја потврди тезата дека е посоодветно потрошената и атрофирана елита да се пензионира колку е можно побргу, за да го зачува и она малку ’лице‘, што ѝ остана.

Ова мора да се случи и затоа што новата генерација не толерира ниту понуди ниту барања со заднина, покриена со иконографија и фолклор, за да се владее со нив. Оваа генерација (како и во другите држави) не толерира понуди што немаат практична содржина и кои не се поврзани со нивните интереси. Долгиот престој на Али Ахмети на власт, со скандали, непотизам, роднинство, поклонување нему како идол и иконографија на воени симболи, предизвика тој засекогаш да ги изгуби и харизмата (изградена со жртви во војната) на албанското раководење и политичката моќ (која ја компромитираше со отстапки) додека беше на власт.

Малоку додава дека ДУИ не ја разбира промената според која младите Албанци веќе не гласаат врз основа на етничка припадност, туку врз основа на меритократија.

Албанците во Македонија моментно се во процес на преобразба на идентитетот, каде што колективниот (национален) идентитет полека, но сигурно се движи и се заменува со критички државен идентитет. Целата оваа преодна архитектура, која ДУИ не ја разбира, се совпаѓа и со тековните демографски промени, со промените во урбанизацијата, иселувањата во новите пристапи кон образованието и дигиталните медиуми. Тоа се промени што се случуваат забрзано не само во Македонија туку и во целиот регион на Балканот. На овие избори, практично се потврди дека младите Албанци повеќе не гласаат врз основа на етничка припадност, со иконографијата и фолклоризмот од минатото, туку сè повеќе се склони кон зајакнување на стандардите на демократскиот свет – меритократија (заб. прев. владеење врз основа на заслуги), транспарентност и одговорност. ДУИ претрпе изборно фијаско токму поради оваа вредносна грешка. Во умовите и убедувањата на граѓаните, ДУИ престана да се проектира како сила за политичка и економска еманципација. Тамошните албански граѓани, со тоа што не ја избраа опцијата што ги зајакнуваше идентитетските вредности две децении, покажаа дека понудата на ДУИ беше погрешна и спротивна на случувањата и процесите. Се случи она што се случи претходно во Косово во 2021 година: личностите, што беа долготрајно корумпирани и поврзани со многу скандали, ги презаситија граѓаните со симболиката на фолклоризам. Таа симболика потона – посочува авторот.

Според Малоку, неуспехот на Ахмети на изборите беше очекуван.

Неуспехот на Ахмети стана очекуван, откако ДУИ се претвори во структура каде што донесувањето одлуки не беше развиено како производ на широк консензус на актерите, туку како централизиран и неформален чин од еден лидер како што дејствуваше Али Ахмети. Недостигот од внатрешно размислување, заедно со поттикнувањето на клиентелизмот, ги згасна речиси сите канали на комуникација и интеракција со граѓанската база и го предизвика поразот на ДУИ. ДУИ престана да биде извор на идеи, концепти и политички понуди. Криејќи се во ареалот на корумпирана, непотистичка, роднинска и полтронистичка самодоволност, ДУИ падна од тронот на власта. Таквото однесување ја сведе оваа партија на административна творба, контролирана од кланови и интересни групи. Значи, ДУИ, наместо да се развива со текот на времето, стана сериозна пречка за развојот и еманципацијата на Албанците во Македонија – заклучува социологот Фадил Малоку во својата анализа. Р.Н.М.

Али Ахмети е блиску до одлука да се повлече од политиката?

ДУИ негира дека ќе остане без својот лидер

Порталот „Фол.мк“ објави дека Али Ахмети сериозно размислува и е блиску до одлука да се повлече од политиката.

Извори во ДУИ укажуваат дека тој веќе им ја соопштил оваа одлука на некои од неговите најблиски соработници, додека се консултирал и со партнери од Албанија и Косово. Се очекува оваа одлука да биде објавена по вториот круг од изборите. Ахмети не даде никакви јавни изјави, ниту во медиумите, ниту на социјалните мрежи, по изборите на 19 октомври, на кои ДУИ победи само во Липково и Пласница – напиша „Фол.мк“.

Од ДУИ негираа дека Ахмети ја напушта политиката, убедувајќи дека „ДУИ е победничка партија“, наспроти изборните резултати. Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, ги отфрли тврдењата дека лидерот на партијата Али Ахмети ќе се повлече од политиката по локалните избори. Тој ги опиша овие објави како „дезинформации насочени кон демотивирање на гласачите пред вториот круг од изборите на 2 ноември“.

Пензионирањето на Али Ахмети воопшто не се разгледува. Напротив, ДУИ е победничка партија. Добивме 23.000 гласа повеќе од Вреди и го зголемивме бројот на советници на 120 – изјави Адеми.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk