Министерството за здравство го менува моделот на специјализации со кои отсега специјализациите ќе бидат општи, а потоа ќе се оди со супспецијализација. Целта е да се одговори на реалните потреби на граѓаните надвор од клиничките болници. Програмите ќе бидат унифицирани за сите три медицински факултети во земјава.
Министерот за здравство Азир Алиу кој денеска на прес-конференција го презентираше новиот модел, рече тоа значи прво да се има стабилен интернист и општ хирург, а потоа онаму каде што има потреба ќе продолжи процесот на образование со кардиологија, гастроентерохепатологија, еднокринологија и други области како супспецијалистичка надградба.
На тој начин, здравствениот систем ќе добие рамномерно дисперзиран медицински кадар, а кој ќе може да понуди специјалистички третман на хронични болести, итни состојби, да обезбеди континуитет на терапија, навремена дијагностика и правилно упатување кон терциерното здравство. Суштината на новите програми е едноставна, но воедно и храбра, односно се напушта логиката на премногу тесно профилирани специјализации како почетна точка и се гради силна, општа клиничка основа, врз која потоа рационално ќе се надградува преку супспецијализации. Тоа значи прво стабилен интернист и стабилен општ хирург, а потоа таму каде што има потреба процесот на образование ќе продолжи со кардиологија, гастроентерохепатологија, ендокринологија и други области како супспецијалистичка надградба, подвлече Алиу.

Новиот модел на специјализации е инициран од Лекарската комора поради тоа што е констатирано дека постоечкиот модел не е добар.
Ние имаме потреба да им овозможиме на докторите што учеле да може да прегледуваат пациенти, и доколку има потреба понатаму да ги упатат во соодветна установа на повисоко ниво. Сегашните специјализации се предолги ако ги споредиме со супспецијализациите и токму затоа заеднички го дефиниравме овој нов модел, истакна д-р Калина Гривчева Старделова.
Деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ рече дека искуството покажало оти има многу специјализации на места каде не треба и дека сега се соочуваме со ситуација да треба да ги вратиме општите специјализации, а потоа да се оди со супспецијализација од две години.
Појасни дека порано имало специјализации каде морало прво да се биде општ специјалист или општ интернист и овие специјализации траеле четири години, со што биле задоволени сите потреби на болниците во секундарното јавно здравство, додека на клиниките и некои од поголемите болници, како ГОБ „8 Септември“ имало потреба од дополнително високо специјализиран кадар и биле упатувани на супспецијализации кои траеле две години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата