Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ќе стапи во контакт со адвокатот Тони Менкиновски за подетално да се запознае со случајот во кој нему Бугарија му изрекла забрана за влез во земјата во 2036 година и оти државата ќе ги искористи сите расположиви средства и механизми за заштита на секој еден македонски граѓанин.
„Денеска ќе го побарам адвокатот Менкиновски, бидејќи имаме комуникација. Би сакал детално да се запознаам со случајот. Како држава ќе ги искористиме сите алатки кои ни стојат на располагање за да го заштитиме секој еден македонски граѓанин“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.
Менкиновски вчера информираше дека Бугарија му забранила влез, до 2036 година, и оти во официјалниот документ што го добил стоело дека наводно тој претставувал закана за националната безбедност на Република Бугарија.
Менкиновски на вчера на прес-конференција изрази сомневање дека ваквата мерка е директно поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и истакна оти обвинението е сериозно, но е донесено без конкретно образложение и без претходна правна постапка. Забраната му била врачена на 6 март на влез во Бугарија.
Според него, оваа одлука е срам за Бугарија, но и за Европската Унија и смета дека со неа се врши заплашување на адвокатите и директно мешање во независноста на адвокатската професија.
Како што вели тој, наместо да ги спроведат одлуките на Европскиот суд за човекови права, Бугарите преземаат мерки кои можат да се толкуваат како притисок врз адвокат.
Тој посочи дека ќе ги искористи сите правни и институционални механизми за да ја оспори оваа одлука. Случајот ќе биде доставен и до Комесарот за човекови права, Европскиот парламент, ОБСЕ, и Обединетите нации, како и меѓународните организации кои ја следат состојбата со човековите права и независноста на адвокатската професија.
Став за оваа информација и вчера новинарите побараа од премиерот Христијан Мицкоски.
„Доколку е точно тоа е уште еден срам за демократијата кај нашиот источен сосед. Но, тоа е поголем срам за сите оние кои не веруваат во вистинските намери на политичарите од нашиот источен сосед.
Јас навистина би се чувствувал засрамено да бев човек кој седи на иста маса и треба да споделува исти вредности со политичарите на нашиот источен сосед. Тука, пред се мислам на земјите-членки на Европската Унија, кои мислам дека треба да реагираат, доколку се потврди дека ова е точно“, рече Мицкоски вчера во одговор на новинарски прашања по поставувањето камен темелник на универзитетски кампус Мајка Тереза.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата