Македонија, летово, беше една од државите во регионов во која имаше серија пожари. Според територијата и бројот на жители многу помалку од Грција, Хрватска, Бугарија или Италија но, за наш стандард – повеќе од вообичаеното.
Различно од наведените околни држави, кај нас имаше најмногу подметнати пожари во однос на нивниот вкупен број. Над дваесет, или близу половина од поголемите пожари, се случиле со намера, а не од вруќините или нечија грешка. Никогаш порано не сме имале толку подметнати пожари во лето.
Но, што за среќа и брзото гаснење, кај нас немаше човечки жртви во пожарите за разлика од другите држави во регионот каде што од нив се гинеше.
Пред недела дена, во само еден викенд, во Скопје гореше на три места: две депонии, Дрисла и Вардариште и еден отпад за пластика и хемиски производи како батерии и акумулатори. Куп од олово, цинк, солна киселина... Чист отров во воздухот лебдеше наоколу 24 часа.
Во депониите е констатирано дека пожарите се намерно подметнати, за отпадот истрагата е во тек и има лица во притвор за таа работа. Чекам во истрагата да видам и лица кои се службено одговорни и кои се раководители на Дрисла... Ако се во притвор газди и директор на отпадот кој се запалил, само по логика, а плус по закон, треба во притвор да се и лицата кои се сопственици и шефови на Дрисла. А тоа е пред се градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и директорите на Дрисла кои таа ги поставила. Дрисла е градска сопственост.
Плавушата што ја болело коленцето кога се чаталеше да ги руши дивоградбите во Чаир, додека за потреби на ДУИ организираше таму политички хепенинзи, заборавила дека Чаир не е нејзина надлежност - а Дрисла е. Но, во Дрисла нема гласачи кои треба да се навлечат да гласаат за ДУИ, па не е нејзин интерес.
Во Дрисла гори, пола Скопје се труе, Данела менува директори на секоја нејзин нервен слом, а ги има поприлично, а нејзините директори не одговараат за ништо. Како ни таа. Не се ни појави во деновите кога беа пожарите.
Не може директорот и сопственик за пожарот на отпадот во Трубарево да се во притвор, а Данела и директорите на Дрисла да не се. Не може!
Дали се работи за организирана серија пожари, дали зад сето тоа стои некоја планирана шема или е збир на индивидуални злосторства ќе видиме со време. Има над 30 лица против кои се водат постапки за намерно подметнување пожари. Дали има и некој вмешан од странство...? Се работи и на тој случај.
Ако погледнете наназад, хаварии од вој тип, убиства и создавање немир и дезориентација во општеството, речиси по правило, имало пред избори кога е ВМРО ДПМНЕ на власт. Тоа на случаите им дава политичка димензија.
Печат за заверка на тезата дека има политика димензија става Каја Шукова, соросоидката која е кандидат за градоначалник на град Скопје од СДСМ.
Во депонијата Дрисла, тотално канцерогена и токсична средина, живеат околу 200 лица кои тарашкаат по ѓубрето, бараат вредни ствари, палат предмети за да извлечат метали и слично кои можат да се продадат... и се трујат. И себе, и нас кога огнот ќе им избега од контрола. А им бега често.
Сопственикот на Дрисла, Градот Скопје, во кој шефува Данела Арсовска во соработка со советници од Левица, ДУИ и СДСМ кои и обезбедуваат власт, а таа на нив директорски функции кои им обезбедуваат моќ и тендери, свесно остава 200 луѓе кои живеат во Дрисла да се самоубиваат од отровите во неа, и свесно овозможува да палат оган и пожари од кои се труе градот и тие 200 луѓе таму.
Еве, како јавна кривична пријава до Обвинителството, или поттик за кривична пријава по допрен глас, очекувам Данела Арсовска и сите нејзини директори на Дрисла кои дозволиле самоубиствен престој и населба на 200 лица во отровите на Дрисла и пожарите кои се случуваат таму да одговараат пред законот.
Да завршам тука со спомнатата Каја Шукова. Таа Каја Шукова, кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје, протестира против најавата на сегашната власт во државава да се дислоцираат на здраво и безбедно место тие 200 лица што живеат во отровот на Дрисла. Тие биле Роми, и затоа, за неа, тоа ќе значело дискриминација на Ромите! Порака: Роми јас се грижам за вас, гласајте за мене. Ако гласате за неа не на 200, на 2.000 Роми ќе им гарантира живеење во Дрисла.
Тоа е како да ги повикаш Украинците да се вратат во отровниот Чернобил, или Јапонците во Фукушима каде се уште има зрачење од цунамито во 2011 година. И, ван памети, да очекуваш заради тоа да гласаат за тебе на избори!!!
Но, пораката од Шукова не завршува тука. Тој нејзин слеп куршум испукан во чадот од пожарите има свој пат и свои последици. Фатални и масовни.
Тие 200 лица во отровот на Дрисла се луѓе, таму има и млади, а има и деца. Во отрови на депонијата нивната болест е сигурна, а тој вид болести без сомневање загрозуваат живот, умираат предвреме отруени... Не и смета тоа на Каја Шукова. Не и сметаат ни постојаните пожари кои го трујат Скопје од Дрисла, важно е да се добијат гласови. Па макар и некрофилски, што за СДСМ отсекогаш бил стандард.
Некрофилија, ќар од нечија смрт или страдање, им е во карактерот. Сетете се само на масакрот со пет жртви на Смилковско езеро на 12 април 2012 година.
Неполна година потоа имаше локални избори а СДСМ протестираше, бараше смена на власта заради трагедијата на Смилвкого, го бојкотираа Собранието, и силуваше да има и парламентарни избори заедно со нив, да се искористи атмосферата околу трагедијата за политички ќар.
Нормално, СДСМ успеа да го дигне некрофилството до врв, донесе и посредници, “олеснувачи“ на тензиите од Европа па дојдоа известувачот на ЕУ за Македонија Ричард Ховит и еврокомесарот Штефан Филе. Македонија ја ставија во фолдерот “проблематични држави“ за која треба да одлучуваат странски “олеснувачи“.
Политиката на СДСМ на тие избори година дена се темелеше на некрофилија, обвинување на власта за трагедијата на Смилковско езеро. На тие избори во некрофилска атмосфера СДСМ загуби катастрофално. Коце Трајановски победи во Скопје со 60% освоени гласови, а СДСМ доби градоначалници само во Куманово, Ранковце, Струмица и Центар. Им се случи катастрофа.
Смилковско езеро, трагедијата со убиство на пет лица, за политички цели го употребуваше СДСМ и со Зоран Заев во “шарената револуција“ и на изборите во 2016-та со најава дека власта на ВМРО ДПМНЕ осудила невини лица. СДСМ и тој знаеле кои се вистинските убијци и кога ќе дошле на власт тоа ќе го откриеле, а на “вистинските убијци“ ќе им било судено. Заев лажеше, со некрофилски, прљави политички трикови и манипулираше со емоциите на цела нација потресена од таа трагедија.
Некои и му поверуваа, повеќето не. ВМРО ДПМНЕ и на тие избори, и на неговата некрофилска политика со смртта на петте жртви од Смилковско, со смртта на новинарот Никола Младенов... и серија други имаше повеќе пратеници од СДСМ.
И не случајно тврдам дека некрофилството е карактер и политика на СДСМ. Можеби, со за нив традиционалната масовна корупција, им е и единствена константа. Отсекогаш. Еве и сега. Година дена се трудат да ќарат од трагедијата во Кочани, случај кој е во рацете на нивните партиски обвинители а се уште нема обвиненија и закажано судење. Ќе ги има после изборите, да не се наштети на СДСМ и ДУИ кои издавале одобренија и толерирале работа на нелегален објект.
Во Португалија, пред две недели, падна жичара со 21 жртва од несреќата. Опозицијата не го употребува настанот за политички ќар. Тоа за културата на нација стара над десет века, и држава уште од 1.139-та година, е срамно и бедно. Да се профитира од нечија смрт.
Во април 2013 во Бостон, САД, на маратон експлодираше бомба. Тројца мртви на лице место, 280 ранети од кои десетици тешко. Претседател на САД беше демократот Барак Обама. Опозицијата, Републиканците, не бараа одговорност и оставка од него. Бараа акција и истрага од ФБИ и од обвинителите. Ги добија.
Ако има виновник се бара по име и презиме, а не по партии. Така работат “нормалните“ општества и држави. Затоа и опстојуваат.
Еве не сега повторно во веќе гледан филм, опишан овде само во инсерти. Во делови. И повторно, фала Богу, имаме шанса да решаваме со свој глас, на избори, дали ќе го поддржиме или повторно ќе го отфрлиме некрофилството и ќарувањето на туѓи трагедии и пожарите во политиката. Кој се надевал дека СДСМ се сменил од тие времиња до денес, се излажал. Многу полоши се и од тогаш.
Пожарите и трагедиите, дали и колку ќе ги има во иднина, и како ќе се постапува со и после нив – се во наши раце. На избори ќе решиме дали ќе има пак такви серии подметнати пожари од кои некоја партија ќе сака да ќарува, и дали ќе има фалц одобренија за работа на “дискотеки“ како во Кочани и обвинители кои над година потоа се уште не обезбедиле обвинение и судење. Од нас зависи. Да.
Каде има чад, има и огин. Особено подметнат. Па, ќе го гасиме ли на избори или ќе се гушиме, ќе ги затвараме прозорите за да дишеме, и ќе гледаме сеир? Ќе бидеме ли соучесници на некофилилите кое се радуваат и чекаат ќар од туѓи трагедии?
Д.П. Латас (20.09.2025)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата