logo
logo
logo

Старата нова година и Василица – жива традиција што опстојува

Vecer | 13.01.2026

Старата нова година и Василица – жива традиција што опстојува

Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар вечерва ја одбележуваат Старата нова година, која започнува утре, на празникот Василица – 14 јануари според граѓанскиот календар.

По повод празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Роден во Кападокија, школуван во Атина, тој се истакнал како голем христијански филозоф, епископ и борец за чистотата на православното учење. Се упокоил на 14 јануари 379 година.

Покрај Македонската православна црква, според Јулијанскиот календар верските празници ги празнуваат и Руската и Српската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и монасите на Света Гора. Од друга страна, Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква се водат според Грегоријанскиот календар.

Во Македонија, Василица има посебно значење и често се одбележува како домашна слава. Многумина го слават и својот именден – Васил, Васко, Васе, Васка и други. Традиционално, на семејната трпеза се крши погача или пита со паричка, а според верувањето, оној што ќе ја пронајде ќе има среќа, здравје и бериќет во текот на годината.

Во народната традиција, Василица се смета за симбол на нов почеток, благосостојба и надеж. Празникот е проследен со бројни обичаи кои се разликуваат од крај до крај – од василичарски поворки, маскенбали, хумор и сатира, до тивко и семејно празнување во домашна атмосфера.

Иако Старата нова година не е официјален државен празник, Василица и понатаму има силно место во културниот и духовниот живот во земјава, опстојувајќи како жив обичај што ги поврзува генерациите и ја негува традицијата.

Инаку, Православната црква има и свое црковно сметање на времето, при што црковната нова година започнува на 1/14 септември.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk