Европската Унија мора да го третира проширувањето како стратешки интерес, а билатералните спорови не смеат да го кочат европскиот пат на земјите кандидати, порачува европратеникот Карло Реслер, кој во интервју за МИА упати пораки на поддршка за Македонија.
Оценувајќи ги предизвиците со кои државава се соочуваше низ годините, Реслер отворено признава дека процесот на евроинтеграции не секогаш бил праведен кон македонските граѓани.
„Македонското општество низ изминатите години носеше тешки, политички предизвикувачки одлуки и искрено разбирам од каде доаѓа прашањето дали Европската Унија покажува еднакво ниво на политичка доследност. На Македонија ѝ е нанесена неправда на европскиот пат. Сега на сите им станува сè појасно дека проширувањето за ЕУ повеќе не може да биде само техничко прашање, туку стратешки интерес, особено во контекст на променетите геополитички околности“, нагласува тој.
Влечејќи паралела со искуството на неговата матична земја, Реслер потсетува дека блокадите базирани на историјата само ја слабеат позицијата на Европа во глобални рамки. Според него, клучот за напредокот лежи во меѓусебното почитување и гледањето кон иднината.
„Хрватска многу добро разбира колку билатералните прашања можат да го оптоварат европскиот пат. Само со меѓусебно почитување можеме да бидеме обединети и силни пред трети страни… Тоа не значи дека во Европа секогаш ќе се согласуваме за сè, но значи дека приоритет мора да им дадеме на одржливите односи, а не на историските раздори и научените трауми“, дециден е Реслер.
Овие пораки доаѓаат во време кога Македонија бара јасни гаранции и предвидливост на својот европски пат, со фокус на исполнување на реалните реформски критериуми, наместо постојано соочување со политички условувања од соседите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата