logo
logo
logo

ПОТПИШАН ДОГОВОР ЗА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО СО УНГАРИЈА (ВИДЕО)

Vecer | 13.06.2025

ПОТПИШАН ДОГОВОР ЗА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО СО УНГАРИЈА (ВИДЕО)

Договор за стратешка соработка меѓу двете влади и Меморандум за разбирање и имлементација на програмата „Стипендиум хунгарикум“ за периодот 2026 – 2028 година потпишаа денеска македонскиот министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и неговиот унгарски колега Петер Сијарто, кој престојува во посета на земјава.

Како што истакна Муцунски на денешната заедничка прес-конференција со Сијарто, потпишувањето на овие документи претставува силен доказ за цврстото сојузништво меѓу двете држави.

Муцунски информира дека на денешната средба разговарале за натамошното продлабочување на политичките и економските односи, како и за континуираната поддршка од страна на Унгарија за нашите европски аспирации.

-Унгарија останува еден од најгласните и најпосветените поддржувачи на европската перспектива на целиот регион. Тоа се докажа за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ. Искрено сме благодарни за таа принципиелна и искрена поддршка, особено во контекст на нашите очекувања за напредок во процесот на пристапување кон ЕУ. Во година кога светот одбележува 80 години од победата над фашизмот и 75 години од Шумановата декларација, темелот на европскиот мировен проект, ние остануваме цврсто посветени на нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ со јасна и предвидлива динамика, нагласи Муцунски.

Министерот нагласи дека во делот на надворешно – трговската дејност воспоставиле продуктивна соработка со унгарското Министерство, од кое очекуваат конкретни резултати. Потсети дека Унгарија е меѓу првите десет најголеми трговски партнери на земјава и еден од водечките странски инвеститори, што, како што рече, претставува повеќе од цврста основа за натамошното економско поврзување.

-Како партнери и сојузници во НАТО продолжуваме да градиме отворена искрена и стратешки ориентирана соработка и убеден сум дека оваа позитивна динамика дополнително ќе биде афирмирана на претстојниот 76-ти Самит на НАТО, истакна Муцунски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk