Управата за извршување на санкциите започна со извршување на втората судска одлука согласно која опремата за електронски надзор има своја примена, се вели во Фејсбук статусот на Управата за извршување на санкции.
Минатата година беше донесена првата пресуда од Основниот суд Велес со која беше изречен куќен затвор во траење од 3 месеци, на старо и изнемоштено лице. Притоа, сега за прв пат е донесено Решение за замена на казната затвор со куќен затвор со електронски надзор на лице кои издржувало казна затвор во казнено-поправна установа. Притоа, остатокот од неиздржаниот дел од казната во траење од 11 месеци и 28 дена се заменува и истиот ќе се извршува во куќен затвор со електронски надзор. Станува збор за возрасно осудено лице кај кое има сериозни потврдени здравствени проблеми кои беше предизвик да се третираат во затворската установа. Решението е донесено од страна на Основниот суд во Струга. Поставена е алка на глуждот на ногата на лицето, а во случај на непочитување на упатствата за користење на опремата за електронски надзор и определените ограничувања пробациските службеници ќе го известат судот, согласно одредбите од Законот за пробација. Пробациската канцеларија за подрачјето на Основниот суд Охрид е во постојана координација со надлежните институции во врска со извршување на мерката, а Одделението за електронски надзор 24/7 ќе го следи извршувањето со помош на опремата за електронски надзор. Важно е да се потенцира дека овој начин на извршување на казната е поекономичен за државата, а имајќи ја предвид возраста и здравствената состојба на сторителот воедно претставува и похуман начин на извршување на казната. Само за потсетување, Управата за извршување на санкциите втора година по ред склучува договор за одржување на опремата за електронски надзор и искрено се надеваме дека истата ќе има поголема примена од страна на судовите, истакнуаат од Управата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата