Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Баграт Тунјан, претставник на СИГМА – заедничката иницијатива на OECD и Европската Унија, посветена на тековните активности и реформски процеси во областа на јавната администрација.
Во фокусот на средбата беа унапредувањето на системот за Проценка на влијанието на регулативата (ПВР), подобрувањето на квалитетот на креирањето политики, јавните консултации и дигитализацијата на процесите, како и подготовката на нови методолошки и регулаторни решенија согласно Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030 и препораките на СИГМА.

Дополнително, се разговараше за потребата од понатамошна експертска и координативна поддршка во процесот на имплементација на препораките на СИГМА, подготовката на новиот Акциски план 2027–2030, како и за продолжување на активностите поврзани со Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), преку инклузивен и транспарентен консултативен процес.

Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување на суштински и одржливи реформи кои ќе придонесат кон поефикасна, покоординирана и професионална јавна администрација, усогласена со европските стандарди и потребите на граѓаните и институциите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата