logo
logo
logo

Минчев: ПО СЕДУМ ГОДИНИ ИМАМЕ ЗАКОН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА

Vecer | 08.02.2026

Минчев: ПО СЕДУМ ГОДИНИ ИМАМЕ ЗАКОН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА

По првичните реакции од јавноста и невладиниот сектор во врска со Предлог-законот за висока раководна служба, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во Дневникот на Сител телевизија, појасни дека станува збор за суштинска и долгоочекувана реформска мерка која воведува јасни правила, професионализам и одговорност во јавниот сектор.

Овој закон е на реформската агенда на државата повеќе од седум години. За првпат се нуди јасно и применливо решение кое ги опфаќа раководните и извршните функции во околу 100 институции и воспоставува транспарентни критериуми и постапки за избор“- истакна Минчев.

Тој појасни дека Предлог-законот е изработен од интерресорска работна група, предводена од Министерството за јавна администрација, со учество на Генералниот секретаријат, Кабинетот на претседателот на Владата и Министерството за финансии.

Законот се однесува исклучиво на директорите, заменик-директорите, членовите на управните одбори и државните секретари, кои се двигатели на институционалната стабилност и континуитетот во работата на институциите.

Клучните новини се содржани во три пункта: воведување мерит-систем со постапка и јасни критериуми за избор, рационализација на управните одбори и строга регулација на В.Д. функциите“ - изјави министерот.

Минчев посочи дека бројот на членови во управните одбори ќе биде ограничен на максимум три, со што се прават значителни заштеди во државниот буџет и се прекинува досегашната пракса на нефункционални и преобемни управни тела.

Со овој закон се става крај и на злоупотребата на В.Д. функциите, кои со години се користеа како механизам за заобиколување на системските решенија. Наместо привремени и политички решенија, воведуваме јасна, законска и професионална постапка“ - посочи тој.

Минчев нагласи дека целта на законот е создавање професионална, департизирана и ефикасна јавна администрација, во која напредувањето ќе се темели исклучиво на знаење, искуство и резултати.

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, гостувајќи во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител ТВ, остро реагираше на реакциите на опозициската СДСМ во врска со постигнатиот договор со синдикатите, оценувајќи дека станува збор за неосновани и политички мотивирани тврдења.

Од начинот на кој СДСМ го коментира овој договор, можам да кажам дека води една нихилистичка и самоуништувачка политика. Владата во континуитет носи решенија со кои се опфатени сите вработени каде што државата е работодавач - во полицијата, одбраната, здравството, образованието и сега завршува со околу 11 илјади вработени во јавната администрација, за која што е факт дека навистина платите беа мали” - истакна Минчев.

Тој нагласи дека Министерството за јавна администрација, во координација со Министерството за финансии а предводено од Претседателот на Владата, го води овој процес повеќе од една година преку интензивен социјален дијалог со репрезентативните гранкови синдикати УПОЗ и САДУ.

Денеска е постигнат историски договор со кој платите на вработените во јавната администрација, кои со години беа на ниско ниво, до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година ќе пораснат до 40 проценти, вклучувајќи ги и редовните годишни усогласувања“ - потенцираше министерот.

Минчев појасни дека со овој договор се заокружува процесот на зголемување на платите во јавниот сектор каде што Владата е работодавач.

Во однос на барањата за минимална плата од 600 евра, министерот оцени дека тие се нереални и финансиски неодржливи, при што нагласи дека висината на минималната плата е прашање кое се утврдува преку договор помеѓу работодавачите и синдикатите во рамки на Економско-социјалниот совет. Тој предупреди дека евентуалното прифаќање на вакви барања може да предизвика сериозни економски и социјални последици и за јавниот и за приватниот сектор.

Оваа Влада води одговорна политика која ги штити и работниците и економската стабилност на државата, за разлика од популистичките и дневнополитички пристапи“ - порача Минчев.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk