Најиронично е Венко Филипче и СДСМ да зборуваат за борба против криминалот и корупцијата, кога главниот извор на криминалот се токму тие, рече денеска Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско барање за коментар за најавите на Филипче дека формирал антикорупциски тим во партијата и поканата на СДСМ до европската обвинителка Лаура Ковеши.
– Тоа е исто како човек со сомнителни морални навики да го поставите да биде наставник за етика. Смешно, но СДСМ тоа го претставува како некоја сериозна работа – рече Манасиевски.
Дополнително, додаде тој, кога СДСМ зборува за „антикорупциски тим“, листата сама се пишува.
– Зоран Заев, самопрогласен академик за криминал, измачкани игри и непотизам. Вице Заев, специјалист за перење пари, текстилни шеми и царински погодности. Од тимот на енергетската катедра, професорот Васко Ковачевски, човек кој треба да се врати од „студиите во странство“, за да објасни со што точно тој тргувал. За културните шеми, Бисера Костадиновска-Стојчевска, експерт за злоупотреби со активна пријава. За надворешна соработка, партнерот во криминал Артан Груби. Ваков тим, вакво „реформирање“ денес нуди СДСМ – рече Манасиевски.
Кога Филипче зборува за чесност, а Заев е сè уште лидер во сенка на СДСМ, тоа е отворено потценување на граѓаните, додаде тој.
– СДСМ нема никаков кредибилитет да говори за борбата против корупција. Главниот извор на криминал во државата се токму тие, нивните кадри, нивните мрежи и системот на злоупотреби и делови од Обвинителството кои ги штитат. Овој настап на СДСМ, односно на Филипче е уште едно политичко харакири. Обид да се испере нешто што не се пере, ниту во топла, ниту во ладна вода. Колку и да се сликаат во бело, црните страници што ги оставија никогаш нема да бидат чисти. Затоа, граѓаните не треба да бидат доведени до забуна. Кога СДСМ дели лекции за корупција, тоа е најдобар доказ дека тие се последните кои имаат право да го зборуваат ова – рече Манасиевски.
На денешната прес-конференција, Манасиевски повторно праша дали 1,3 милион евра од набавката на житото во 2022 година завршиле во џебовите на Зоран Заев, Венко Филипче и Љупчо Николовски?
– Минатата власт на триото Заев, Филипче и Николовски платила 8,6 милиони евра за набавка на 20.000 тони жито, односно 26,6 денари по килограм. Во тоа време берзанската цена за еден килограм жито била 20,5 денари, додатно плус транспорт од 2 денари, доаѓаме до цена од 22,5 денари по килограм.Разликата во цената којашто овие тројца ја наплатиле е 4 денари по килограм или во вкупна сума на набавката, 1,3 милион евра. Прашањето е зошто е платено олку поскапа сума кога можело да се набави за многу поевтино? Дали овие пари можеби завршиле во нечии џебови од врхушката на тогашната власт на Зоран Заев, Венко Филипче и Љупчо Николовски – праша Манасиевски.
Дополнително, додаде тој, Љупчо Николовски мора да објасни зошто бил направен отпис од 2.000 тони жито од стоковите резерви.
– И зошто во толку брз период се набавени 20.000 тони жито, ако истиве луѓе тогаш велеа дека ситуацијата е под целосна контрола? Дали отписот бил намерно направен за да се отвори простор за нова набавка и потенцијално нов криминал? Граѓаните заслужуваат да знаат каде завршиле нивните средства и дали некој се богател додека државата плаќала поскапо за основна животна намирница како што е пченицата – рече Манасиевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата