Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, е уапсен под сомнение за сторени кривични дела проневера и злоупотреба.
Сејдини, како што информираат од Министерството за внатрешни работи, е уапсен од полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и од Одделот за криминалистичка полиција во координација со ОЈО Скопје.
Од Обвинителство информираат дека сè уште се преземаат дејства и по завршувањето, ќе бидат споделени повеќе информаци.
- Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и одф Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејства што упатуваат на сомненија за сторени кривични дела проневера и злоупотреба. Сè уште се преземаат дејства по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствата кои се во тек - информираат од ЈОРСМ.
Муамед Сејдини беше на чело на ФФМ во два мандати, од 2019 до 2025 година.
Сејдини во февруари годинава беше суспендиран на две години од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) поради измама и злоупотреба на овластувања.
Дисциплинската комисија на ФФМ утврдила дека Сејдини, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20 %, кој не бил дел од прифатената понуда за изградаба на трибина на стадинот „Билјанини Извори“ во Охрид, при што авансот бил исплатен без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување.
Со ваквото постапување Дисциплинската комисија утврди дека Муамед Сејдини го измамил и довел во заблуда Управниот одбор на ФФМ и ѝ нанел сериозна материјална штета на Федерацијата поради што му е изречена соодветната дисциплинска санкција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата