logo
logo
logo

НЕСЕКОЈДНЕВЕН СТОМАЧЕН ВИРУС ГИ ПОЛНИ АМБУЛАНТИТЕ Симптомите траат и до 5 дена, внимавајте на хигиената и пијте течности!

Vecer | 01.09.2025

НЕСЕКОЈДНЕВЕН СТОМАЧЕН ВИРУС ГИ ПОЛНИ АМБУЛАНТИТЕ Симптомите траат и до 5 дена, внимавајте на хигиената и пијте течности!

Амбулантите низ Скопје овие денови се преполни со пациенти кои имаат исти симптоми – повраќање, температура, интензивна дијареа и силни болки во стомакот.

Станува збор за несекојдневен и доста упорен стомачен вирус, кој, според лекарите, брзо се пренесува од човек на човек, особено меѓу децата.

За разлика од претходните стомачни вируси на кои сме навикнати, овој трае и до 4-5 дена и значително го исцрпува организмот.

Матичен лекар од Ѓорче Петров во неформален разговор за Плусинфо вели дека секојдневно прима пациенти со слична клиничка слика.

– Ми доаѓаат пациенти, скоро дехидрирани, кои сами на своја рака консумирале лекови кои се наменети за спречување дијареа при бактерија во цревната флора. А всушност овде станува збор за вирусна инфекција и единственото решение е да се пијат пробиотици, електролити и големи количини вода. Изненадува тоа што вирусот трае подолго време од вообичаеното и обично го измачува пациентот најмалку 4-5 дена – објаснува лекарот.

Од амбулантите предупредуваат дека најважна е редовната хидратација и внес на пробиотици, со што се одржува рамнотежата во цревата и се намалуваат последиците од долготрајната дијареа.

Меѓу заболените е и скопјанецот Марио Богдановски, кој веќе трет ден се бори со вирусот.

– Започна со лесна мачнина и мислев дека причината е нешто што сум го изел. Вечерта добив висока температура и од тогаш почна вистинската мака – дијареата е толку честа што едвај стигнувам до тоалет. Искрено, многу исцрпува, чувството е како да немаш сила ни да станеш од кревет – вели Богдановски, кој додава дека истовремено заболела и неговата сопруга, а од вчера и неговиот 2-годишен син покажал први симптоми.

Иако вирусот се шири брзо, лекарите апелираат на смиреност и дисциплина, почесто миење раце, избегнување блиски контакти ако некој во семејството е заразен и задолжително внесување течности за да не дојде до дехидрација.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk