„Македонска пошта“ ќе добие 100 нови возила како донација од Владата, што ќе ја подобри достапноста и квалитетот на поштенските услуги низ целата земја. Од вкупниот број, 90 ќе бидат помали комбиња, а 10 големи комби возила, наменети за поголема оперативна ефикасност.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на јавниот состанок на Агенцијата за пошти истакна дека целта е заштита и развој на државниот капитал, како и подигање на квалитетот на услугите кон граѓаните. Тој најави законски измени и консултации со сите чинители на поштенскиот пазар за унапредување на условите за работа во „Македонска пошта“.
– Многу е лесно профитабилниот дел од пазарот да се земе, додека „Пошта“ ја носи целата општествена одговорност. Ситуацијата мора да се промени – потенцира Николоски, нагласувајќи дека целта е државната компанија да се издигне, а не да пропаѓа.
Тој посочи дека Агенцијата за пошти има клучна улога во регулацијата на пазарот, заштитата на конкуренцијата и правата на корисниците. Во моментов на пазарот се регистрирани 29 правни лица, што укажува на висока конкуренција.
– Со новите мерки ќе се работи на зголемување на ефикасноста на услугите преку намалување на трошоците до 15 проценти и подобрување на индикаторите за профитабилност за ист процент – додаде Николоски.
Агенцијата за пошти, рече тој, има клучна улога во регулацијата во квалитетот на пазарот на поштенски услуги, каде обезбедува заштита на конкуренција и права на корисниците.
-Во моментов на пазарот работат 29 правни лица што значи дека се работи за пазар кој е конкурентен. Во постојниот закон се имплементирани сите директиви на Европската Унија со што Македонија во континуитет ја следи европската пракса за регулација на поштенскиот пазар на услуги, што мора да признаам, понекогаш создава сериозни главоболки, имајќи предвид дека ние сме Влада која сака да го штити државниот капитал и сака државните компании да напредуваат, истакна Николоски.
Тој најави дека ќе работат во насока на подобрување на ефикасноста на услугите со намалување на трошоците до 15 проценти, како и подобрување на индикаторите за профитабилност до 15 проценти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата