На денешниот митинг во Новаци во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој го искоментира изборот за тоа што значат овие локални избори.
Од една страна имаме коалиција којашто е формирана на непринципиелни основи. Тие се здружени и водени само од една работа, а тоа е желбата за власт и гневот кон ВМРО-ДПМНЕ. Тие две работи ја обединуваат оваа коалиција. Тоа е коалцијата СДСМ, ДИУ и ЛЕВИЦА. Се уортачија Венко Филипче или Зоран Заев како милувате, Али Ахмети и Димче Апасиев. И втората коалиција е оваа што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Тие се двете опции. Двата можни избори на овие локални избори, потенцираше Мицкоски.
Тој додаде дека е убеден дека првата опција или коалиција на СДСМ, ДУИ и ЛЕВИЦА не е атрактивна опција за граѓаните во Македонија.
Тој истакна дека политичкиот противник, СДСМ оваа кампања ја започна невообичаено наспроти сите теории и практики во кампања, од прв ден со црна кампања, со монтажи, со спинови, со дефокус и со напади, најчесто против него и неговото семејство, додавајќи дека и нема што да се очекува од луѓе што нема што да кажат.
Мицкоски посочи дека ако не е црната кампања тие нема за што да зборуваат, затоа што тие од нивното време не оставиле ништо вредно, освен криминал и корупција, а потоа се сетија да го извадат слоганот дека се бореле за нивниот дом.
„Но имам јас една дилема која би сакал пред вас да ја соопштам. А, тоа е за кој дом? За хациендите на Халкидики, за хациендите во Дубаи или за јахтите коишто ги гледавме ова лето. За кој дом зборуваат? Затоа што тие имаа можност да се борат за домот седум години, а тие го опустошија и го распродадоа домот и во секоја смисла на зборот, го понижија македонскиот народ. Да не дозволиме тоа повторно да се случи“, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека секогаш кога Социјалдемократскиот сојуз бил на власт се случувале грешки, како на пример временото име и последно, прифаќањето на ултиматумот од Бугарија.
„Затоа што, сетете се во минатото, СДСМ кога бил влада во Македонија, секогаш се случувале историски грешки. Вратете се назад од она времено име па се до прифаќањето на бугарскиот ултиматум. Да не дозволиме овие луѓе никогаш повеќе да бидат дел од македонската Влада, а тоа можеме да го направиме и потврдиме овие локални избори на 19 октомври. Ве повикувам масовно да излеземе и да испратиме силна порака како никогаш до сега“, повика Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата