logo
logo
logo

ДДВ ЗА ГОРИВАТА СЕ НАМАЛУВА НА 10%, Македонија со најниски цени на горива во регионот (ВИДЕО)

Vecer | 22.03.2026

ДДВ ЗА ГОРИВАТА СЕ НАМАЛУВА НА 10%, Македонија со најниски цени на горива во регионот (ВИДЕО)

Владата денеска на вонредна седница донесе пакет мерки со цел да се спречи драстичен скок на цените на горивата на македонските бензински станици. По завршувањето на седницата, премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција ја соопшти одлуката со која државата ќе интервенира на пазарот на нафтени деривати.

Според премиерот Мицкоски, главната цел е да се заштити стандардот на граѓаните во услови кога цените на светските берзи растат поради кризата на Блискиот Исток.

Премиерот Мицкоски соопшти дека одлучиле да се намали данокот на додадена вредност од 18% на 10%, со тоа то цената на бензинот останува непроменета а нафтата да се зголеми од 3 до 3,5 денари од литар.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со владините мерки се очекува Македонија да има најниски цени на горивата во регионот, дури и во услови на глобален раст на цените.

Тој посочи дека Владата очекува Регулаторната комисија да ја земе предвид донесената одлука за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти, со што нема да има значително зголемување на цените на бензините, а дизелот ќе се движи во рамки на предвидените пресметки.

„Цената на бензините ќе се движи од 1,37 до 1,44 евра за литар, а дизелот од 1,52 до 1,55 евра за литар, што е убедливо најниска цена во регионот“, истакна Мицкоски.

Тој направи споредба со соседните земји, посочувајќи дека во Србија бензинот достигнува до 1,83 евра по литар, дизелот околу 1,8 евра, во Хрватска до 2 евра, додека во Грција и Албанија цените се околу 1,9 евра по литар.

Според премиерот, токму поради пониските цени во Македонија, забележан е зголемен притисок од граѓани од соседните земји кои доаѓаат да точат гориво, што ја зголемило потрошувачката за околу 9 проценти, односно дополнителни 150.000 литри дневно.

Најголем притисок, како што рече, има во пограничните општини како Дебар, Струга и Охрид на западната граница, како и Битола и Гевгелија на југ и Куманово на север.

Мицкоски нагласи дека Владата очекува стабилизација на цените, при што не се предвидува зголемување на бензините, а евентуалните корекции кај дизелот ќе бидат минимални.

„Со овие мерки директно од буџетот учествуваме во подобрување на стандардот на граѓаните“, изјави премиерот.

Тој додаде дека мерките ќе важат во наредните две недели, почнувајќи од понеделник, со можност да бидат продолжени доколку има потреба. 

Дополнително, Владата води разговори со ОКТА за зголемување на попустот кон трговците, што би можело да донесе дополнително намалување на цените.

Премиерот посочи дека доколку се постигне договор, цените би можеле да бидат и до 3 денари пониски од максималните утврдени од Регулаторната комисија за енергетика.

Според проценките, граѓаните со овие мерки би заштедиле околу 200.000 евра дневно, односно приближно 1,5 милиони евра неделно.

„Ова е одлука со која директно го штитиме стандардот на граѓаните во услови на глобална енергетска криза“, нагласи Мицкоски, додавајќи дека земјава и понатаму има едни од најниските цени на горивата во регионот.

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција даде детален одговор на прашањето зошто Владата го избра моделот на намалување на ДДВ-то од 18 на 10 проценти, наместо барањата за намалување на акцизата. Според премиерот, главната пречка за акцизата е законската регулатива, додека ДДВ-то нуди побрза и подиректна помош за граѓаните.

Мицкоски појасни дека акцизата е фиксна давачка регулирана со закон и нејзиното менување бара долги собраниски процедури кои не можат да одговорат на итноста на кризата.

„Акцизата е фиксна категорија регулирана со закон и нејзиното менување во услови на ваква брза криза е покомплексен процес. Од друга страна, ДДВ-то е варијабилно и со неговото намалување на 10%, а понатаму и на 5% доколку има потреба, директно го амортизираме ценовниот шок без да ја загрозиме фискалната стабилност на подолг рок“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека Владата претпочита мерки кои веднаш ќе се рефлектираат на бензинските пумпи, наместо популистички предлози кои би заглавиле во лавиринтите на бирократијата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk