logo
logo
logo

ПРИВАТНИТЕ КЛИНИКИ СЕ ПОВЕЌЕ СЕ РЕШЕНИЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ И СТРАНЦИТЕ, три од нив се пример

Vecer | 29.04.2026

ПРИВАТНИТЕ КЛИНИКИ СЕ ПОВЕЌЕ СЕ РЕШЕНИЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ И СТРАНЦИТЕ, три од нив се пример

Велат дека здравјето нема цена, но лекувањето во приватното здравство – има. Граѓаните лани оставиле 107 милиони евра во седум приватни здравствени установи. Остварениот заеднички приход е за околу 4,5 насто повисок во споредба со 2024 година и тогашните 102,4 милиони евра, покажува анализата на порталот Пари, заснована врз податоците на Бизнис Мрежа.

Здравствените потреби на граѓаните овозможуваат проширување на овој дел од здравствениот сектор, но профитабилноста не го следи тој тренд. Вкупната добивка е значително разнишана, односно бележи пад од 21,87 насто. Три од седумте приватни болници забележале пад на добивката, а една – загуба. Како резултат на тие движења, од прекланските безмалку 9 милиони евра, минатогодишниот заеднички профит се намалил на 7 милиони евра.

Очигледно, побарувачката за приватни здравствени услуги останува висока, без оглед на реалните економски притисоци присутни и на домашниот терен и во соседството, особено во Косово, од каде што доаѓа најголемиот број странски пациенти.

Речиси две третини од сите пари во приватното здравство завршуваат во Систина, поточно 61,3 насто од вкупните приходи. Или, од секои 10 евра дадени за лекување во приватното здравство, повеќе од 6 евра завршуваат на сметката на оваа болница, која на својата веб-страница наведува дека има еден милион регистрирани пациенти.

Конкретно, ланското остварување на Клиничката болница Аџибадем Систина е 65,6 милиони евра. Зад него стои позитивна годишна промена од 2,66 насто.

Според апсолутниот износ од 22,1 милион евра, како сериозен чинител се потврдува Клиниката Жан Митрев. Интересот на пациентите во овој сегмент довел до раст од 8,41 насто. Сепак, тоа не било доволно за да се опстои на линијата на профитабилноста. Инаку, дневната статистика на оваа клиника во просек брои 12 операции, 256 прегледи, 150 тестови, 12,5 кардиоваскуларни интервенции и 160,5 ехокардиографии.

Следи Ре-Медика со раст од 3,19 насто, кој може да се смета за стабилен. Во годината во која одбележа дваесетгодишнина од основањето, првата приватна општа болница во Македонија реализирала приход од 9,4 милиони евра.

Приватното здравство одамна не е само алтернатива, туку прв избор – за побрза дијагноза, за сигурност, за третман без чекање.

Така, кругот на пациенти се шири, а приходите растат. Во таа борба за пациенти и за освојување на што поголемо парче од пазарот, приватните болници се натпреваруваат со видот и квалитетот на понудата, воведуваат современи технологии и методи на лекување, подготвуваат месечни промотивни пакети со цени пониски од регуларните итн. Но, тоа не е секогаш доволно за да се пресретнат трошоците или инвестициите што го нагризуваат профитот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk