Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предложи воведување дополнителни царини од 10 и 12,5 проценти за увоз од 60 земји, меѓу кои и Европската Унија, со образложение дека мерката е насочена кон ограничување на трговијата со производи поврзани со принудна работа и заштита на американските работници.
Предлогот е поднесен од Канцеларијата на американскиот трговски претставник (USTR) во рамки на истрага за нефер трговски практики според Член 301. Потегот доаѓа во период кога администрацијата на Трамп се обидува повторно да воспостави дел од царинските мерки што беа поништени од Врховниот суд на САД во февруари годинава.
Според УСТР (USTR), царина од 10 проценти би се применувала за увоз од Европската Унија, Канада, Мексико, Велика Британија, Тајван, Пакистан, Аргентина, Бангладеш, Камбоџа, Гватемала, Малезија и други земји, додека за преостанатите 45 држави опфатени со истрагата се предлага дополнителна царинска стапка од 12,5 проценти.
Мерките се најавени пред истекот на привремената царина од 10 проценти, која администрацијата на Трамп ја воведе во февруари. Во меѓувреме, УСТР (USTR) веќе предложи и царина од 25 проценти за голем број производи од Бразил, а наскоро се очекуваат и резултатите од истрагите за вишок индустриски капацитет кај повеќе трговски партнери, вклучително и Кина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата