logo
logo
logo

ЛЕК БЕЗ РЕЦЕПТ ‒ Шумски рестарт за мозокот

Vecer | 03.07.2026

ЛЕК БЕЗ РЕЦЕПТ ‒ Шумски рестарт за мозокот

Во забрзаното темпо на живот, покрај деловните обврски, непрестајните известувања и секојдневниот стрес, многумина тешко наоѓаат моменти за вистински одмор. Дури и кога имаат слободно време, мислите често им остануваат насочени кон грижите и обврските. Сепак, ново научно истражување носи охрабрувачка вест – само 20 минути поминати во шума можат значително да придонесат за чувство на мир и опуштеност.

Студијата што ја спроведоа научници од Медицинскиот универзитет во Виена и Универзитетот за природни ресурси и животни науки во Виена, а која беше објавена во 2025 година во стручното списание „Шуми“, покажа дека краткиот престој во природа може значително да го намали нивото на стрес и да го подобри расположението.

Студијата опфатила 66 здрави возрасни лица кои по случаен избор биле поделени во две групи. Едната група поминала 20 минути во шумско опкружување, додека другата поминала исто толку време во град. На учесниците не им било дозволено да користат мобилни телефони, да разговараат или да се занимаваат со физичка активност. Нивната задача била едноставна – да седат мирно и да ја набљудуваат својата околина.

Пред и по престојот, тие пополнувале психолошки прашалници, а истражувачите исто така анализирале примероци од плунка за да го измерат нивото на кортизол, хормонот на стрес.

Резултатите биле многу јасни. Учесниците кои го поминале времето во шума пријавиле помалку негативни емоции, се чувствувале поопуштено и имале пониско ниво на кортизол. Во групата која го поминала времето во урбана средина, дури дошло и до намалување на позитивното расположение. Особено е интересно што позитивните ефекти се појавиле по само 20 минути, без планинарење или каква било физичка активност.

Психолозите веруваат дека овој ефект не е случаен. Во поголемиот дел од човечката еволуција, природата била нашето природно опкружување, додека градовите, сообраќајот, бучавата и дигиталните стимуланси се релативно нови. Затоа, мозокот реагира поинаку на природата отколку на урбаниот хаос.

Уште во осумдесеттите години на минатиот век, американскиот психолог Роџер Улрих ја развил теоријата за намалување на стресот, според која природното опкружување директно го смирува нервниот систем. Додека секојдневниот живот во градот постојано бара од нас внимание и брзи реакции, шумата праќа целосно поинакви сигнали – чувство на сигурност, мир и предвидливост. Резултатот е поспоро работење на срцето, поопуштени мускули и намалено лачење на хормонот на стрес.

Луѓето кои голем дел од денот го поминуваат пред компјутер можат да имаат особена корист од престојот во природа. Континуираната достапност, долгите часови работа пред екран и постојаниот прилив на информации ги исцрпуваат менталните ресурси. Напротив, шумата го обезбедува она што експертите го нарекуваат „нежна фасцинација“. Природните звуци, зеленилото и промените на светлината го окупираат вниманието, но не го оптоваруваат, овозможувајќи му на мозокот да се одмори и да се обнови.

Многу луѓе доживуваат поголема ментална јасност, подобра концентрација и внатрешен мир по прошетка или мирно седење во шума. Природата не бара ништо – нема очекувања, нема притисок, нема потреба за докажување. Токму во таа едноставност можеби лежи нејзината најголема сила, пишува „Бунте“.

Иако престојот во шума не може да го замени лекувањето на сериозни проблеми со менталното здравје, истражувањата потврдуваат кое може да биде вреден сојузник во секојдневното одржување на менталната благосостојба. Понекогаш, сè што е потребно за да се почувствува олеснување е да запрете, да го исклучите телефонот и да поминете 20 минути меѓу дрвјата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk