logo
logo
logo

Популацијата на ЕУ до 2100 година ќе се намали за шест отсто

Vecer | 01.04.2023

Популацијата на ЕУ до 2100 година ќе се намали за шест отсто

По падот на бројот на населението во 2020 и 2021 година поради влијанијата на пандемијата од КОВИД-19, популацијата во ЕУ почна да закрепнува во текот на 2022 година.

Како последица на масовниот прилив на бегалци од Украина по руската агресија, се проценува дека населението на ЕУ достигна 451 милион лица на 1 јануари 2023 година. Се очекува врвот да биде достигнат во 2026 година кога се проценува дека во Унијата ќе живеат 453 милиони луѓе, по што ќе почне да стагнира и да се намалува достигнувајќи 420 милиони во 2100 година.

Бројот на деца и млади луѓе (на возраст од 0 до 19 години) во вкупното население се предвидува да се намали од 20% на почетокот на 2022 година на 18% до 2100 година. Уделот на работоспособните луѓе (на возраст од 20-64 години години), пак,  во вкупното население на ЕУ ќе падне од 59% во 2022 на 50% во 2100 година.

Спротивно на тоа, уделот на постарите возрасни групи (65 години или повеќе) ќе се зголеми. Брјот на оние на возраст меѓу 65-79 години се очекува да порасне од 15% на 17%, а на возрасната група од 80 или повеќе да се зголеми повеќе од двојно, од 6% на 15%.

Во 2022 година, пирамидата на населението на ЕУ веќе го покажува обликот поврзан со долг животен век, ниски стапки на смртност и ниски стапки на наталитет. Најголем дел од населението го сочинуваат работоспособни луѓе над 50 години, додека уделот на млади под 20 години е значително помал.

Пирамидата во 2100, пак, јасно покажува развој кон општество што се намалува и старее. Паѓа уделот на децата и младите под 20 години и на работоспособната популација, а расте на луѓето на возраст од 65 или повеќе години. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk