Истражувачите кои ги следат поларните мечки на северот на Канада биле сведоци на многу ретка глетка оваа есен: мечка усвоила младенче кое не го родила, пренесува Би-би-си.
Петгодишната женка и нејзините младенчиња на возраст од 10 и 11 месеци биле снимени за време на годишната миграција на мечките долж Западниот Залив Хадсон, во близина на Черчил, во провинцијата Манитоба ‒ град познат по популацијата на поларни мечки.
„Ова е многу необично. Не знаеме зошто се случува вакво нешто, но знаеме дека не се случува често“, изјави Алиса Мекол, научничка од организацијата Polar Bears International.
Ова е само 13-тиот познат случај на усвојување меѓу 4.600 мечки кои биле проучувани во текот на речиси пет децении во оваа област.
Поларните мечки кои живеат во дивината имаат само 50 проценти шанса да доживеат возрасна доба.
Нивните шанси за преживување се зголемуваат доколку имаат мајка која се грижи за нив.
Истражувачите велат дека усвоеното младенче изгледа здраво и дека ќе остане со мајката сè додека не наполни околу две и пол години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата